Студентите што протестираа пред Министерството за образование и наука попладнево незадоволни од доцнењето на исплатата на стипендиите и на другите субвенции се разотидоа и немаа средба со министерот Јетон Шаќири. Тој на прес-конференција рече дека денеска го поканил претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на средба во МОН и дека бил известен оти во текот на неделата ќе продолжат со редовните состаноци што МОН ги има со сите студентски собранија на универзитетите.
Шаќири рече дека секогаш ги поддржува студентите во нивните барања и дека во изминатите две години, и со сегашниот, и со претходниот претседател на УСС на УКИМ, имал повеќе од 30 состаноци.
„Кога потпишавме договор во Влада за реконструкција на студентските домови, на мое барање по потпишување на договорот имав состанок со претставници на повеќе универзитети и им ги образложив сите рокови за исплата на стипендиите. На тој состанок кажав дека најбрз можен рок за исплата на претходните стипендии е крајот на јануари, почетокот на февруари. Тоа е затоа што секогаш во буџетот на МОН, освен пред три години кога имало буџетски средства, сите исплати на стипендии од претходниот семестар се завршуваат во јануари кога доаѓа новиот буџет... Во однос на доцнењето на тие од претходната година, секогаш зависи од расположливите средства во буџетот на крајот на календарската година“, изјави Шаќири.
Видете и ова: Исплатените стипендии не ги спречија учениците и студентите да излезат на протестОткако од медиумите бил известен за барањето од денешниот протест, а тоа е дека студентите сакаат поефикасен систем за исплаќање на сите субвенции и дека ќе иницираат календар на активности кон кој МОН ќе мора да се придржува, министерот одговори дека не добил официјално барање, но дека е отворен за нивната иницијатива.
„Ќе го прифатам тој календар како што ќе го предложат студентите откако ќе го разгледаме од правен аспект и во однос на буџетските средства што ги имаме, а за административните постапки не е никаков проблем. Секоја забелешка што доаѓа од студентите за промена да бидеме поефикасни, треба и мора да бидеме поефикасни“, истакна Шаќири.
Студентите порано денеска, точно на пладне, пред Министерството за образование и наука одржаа протест на кој побараа навремено да им се исплаќаат стидендиите, но и другите студентски субвенции кои ги примаат од државата.