Вработен во бугарското МВР уапсен под сомнение дека е руски шпион

Сајбер напад, шпионажа (Илустративна фотографија)

Бугарската национална телевизија во понеделникот објави дека истражителите уапсиле вработен во единицата за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР), под сомнение дека шпионирал за Москва.

Бугарската Агенција за национална безбедност соопшти дека лицето наводно им предало доверливи информации на „руски агенти“, вклучително и на поранешен вработен во руската амбасада во Софија, кој е означен како персона нон грата.

Видете и ова: Руски дипломат протеран од ЕУ во чистка на шпиони сега е набљудувач на ОБСЕ на изборите во Србија

Во ноември Бугарија го протера Александар Гацак, дописник на рускиот државен весник Росискаја газета, за кого Софија рече дека претставува „закана за националната безбедност“.

Од почетокот на целосната руска инвазија на Украина, Бугарија протера вкупно 70 руски дипломати заедно со нивните семејства.

Според тогашниот премиер на земјава, Кирил Петков, најголем дел од протераните дипломати работеле за специјалните служби, а нивната дипломатска работа била параван.