Пред Министерството за образование и наука попладнево (5 февруари) почна најавениот протест на студентите кои на ваков начин одлучија да изразат незадоволство од ефикасноста на МОН бидејќи не ги почитува роковите за исплата на стипендиите и на други субвенции.
"Сакаме промени, сакаме одговорност" извикуваат студентите кои револтот го изразуваат со свирежи, транспаренти и "црвени картони", собрани на булеварот пред МОН кој е затворен за сообраќај.
Со протестот студентите бараат поголема ефикасност на МОН поради ненавремена исплата на студентските стипендии, задоцнети исплати на ваучерите за превоз, доцнења со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблеми со мерката субвенциониран студентски оброк, поради непочитување на утврдените рокови и како што велат, проблеми во координираноста помеѓу одделенијата во Министерството.
Видете и ова: Студентите најавија протест, министерот Шаќири вели дека ги имаат стипендиите на нивните сметки
Од Министерството за образование и наука информира дека сите ученички и студентски стипендии на постојните корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година се исплатени заклучно со месец јануари. За новите корисници, пак, исплатата ќе се реализира во текот на неделата. Младите треба да се спокојни, сите средства кои им следуваат ќе им бидат целосно исплатени.
„Оваа Влада нема практика да укинува права, туку напротив се заложува за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард и во таа насока, во последните неколку години се воведоа низа нови права и можности кои во минатото не постоеја“, соопштија денеска од МОН.
Од ресорното министерство додаваат дека се воведени нови категории на стипендии, а месечните износите на постојните се зголемени, за одредени категории и за над 80 проценти.