Хутите ветија одговор на американските и британските напади врз 36 цели во Јемен

Авион полетува за да изврши напади врз воени цели на Хутите во Јемен, 3 февруари 2024 година.

Соединетите Американски Држави и Велика Британија извршија напади врз 36 цели во Јемен во саботата, во вториот ден од големите американски операции против групите поврзани со Иран по смртоносниот напад врз американските војници минатиот викенд.

Нападите погодија закопани складишта за оружје на Хутите, ракетни системи и лансери што ги користеа Хутите за напади врз бродови во Црвеното Море, а цел беа 13 локации низ целата земја, соопшти Пентагон, според Ројтерс.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин истакна дека нападите имале поддршка од Австралија, Бахреин, Канада, Данска, Холандија и Нов Зеланд.

„Оваа колективна акција испраќа јасна порака до Хутите дека тие ќе продолжат да трпат понатамошни последици доколку не ги прекинат своите нелегални напади врз меѓународни бродови и бродови на морнарицата“, рече Остин.

Видете и ова: САД и Велика Британија нападнаа 36 цели на Хутите во Јемен

„Нема да се двоумиме да ги браниме животите и слободниот проток на трговија во еден од најкритичните водни патишта во светот“, додаде тој.

Хутите во саботата ветија дека ќе одговорат на американските и британските напади.

Портпаролот на бунтовничката група напиша на мрежата „X“ (Икс) дека третата рунда напади нема да ги одврати од нивниот „морален, религиозен и хуманитарен став“ за поддршка на Палестинците во Газа.

Се огласи и Иран, кој рече дека овие напади се во спротивност со тврдењата на САД и Велика Британија дека сакаат да избегнат поширок конфликт на Блискиот Исток.

Техеран предупредува дека натамошните напади се „закана за меѓународниот мир и безбедност“ по третиот круг напади врз бунтовниците во Јемен.

Соединетите Држави започнаа напади во Ирак и Сирија во петокот против повеќе од 85 цели поврзани со иранскиот корпус на гардата на исламската револуција и милициите што ги поддржува, при што наводно загинале речиси 40 луѓе.

Нападите, кои ги осудија Иран и Ирак, беа одмазда за нападот со беспилотно летало во кој загинаа тројца американски војници и рани повеќе од 40 американски војници во Јордан минатата недела.

Видете и ова: Ирак предупреди на „катастрофални последици“ за регионот по американскиот напад

Додека Соединетите Држави ги обвинуваат милициите поддржани од Иран за нападите врз американските трупи во базите во Ирак, Сирија и Јордан, јеменските Хути поддржани од Иран цели на комерцијални и воени бродови во Црвеното Море.

Хутите, кои ги контролираат најнаселените делови на Јемен, велат дека нивните напади се во знак на солидарност со Палестинците додека Израел ја напаѓа Газа. Сепак, САД и нивните сојузници ги карактеризираат нападите на Хутите како закана за глобалната трговија.

Соединетите Американски Држави претходно извршија повеќе од десет напади врз цели на Хутите во изминатите неколку недели, но не успеаја да ги запрат нападите на групата.