Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца браќа за загрозување на сигурноста на градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими.
„Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на службеното лице - градоначалник на општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело“, соопшти денеска Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во општина Арачиново, како и забрана за приближување и контактирање со градоначалникот Ибраими.