Златан Елек, претседателот на Српската листа, која е најголемата партија на косовските Срби, во саботата изјави дека „укинувањето на динарот значи протерување на Србите и сите српски институции“ од територијата на Косово.
Тој изјави дека секој што има некаков приход од Србија е во ризик и дека директно ќе бидат погодени околу 100.000 Срби на Косово.
„Ова се однесува на сите институции кои функционираат во српскиот систем, пензионери, корисници на социјална помош, студенти, стипендисти. Со други зборови, за целиот српски народ“, рече Елек.
Тој вели дека укинувањето на динарот во платежните трансакции значи ставање на Србите во „неподнослива положба“ и дека тоа е увертира за тоталниот егзодус на српскиот народ на територијата на Косово и дека тоа се „претходно подготвени потези на Владата на Албин Курти“.
Со одлуката се укинуваат српските институции кои се грижат за образованието, здравството, економијата, социјалната помош, се укинува животот на Србите“, рече Елек.
Тој истакна дека во разговорите со меѓународната заедница Српска листа посочува „дека крајната цел на владата во Приштина е етничко чистење на Србите“ и дека на средбата со американскиот амбасадор Џефри Ховениер го изразиле својот страв што произлегува од одлуката за укинување на динарот.
Видете и ова: Европската Комисија бара решение за употребата на динарот на КосовоСрпска листа најави дека ќе испрати писмо до амбасадорите на КВИНТ (Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД).
Елек рече дека меѓународната заедница и земјите од КВИНТ се директно одговорни за мултиетничноста на Косово и „ќе бидат директни соучесници доколку дојде до егзодус на српскиот народ од Косово“.
На 1 февруари стапи на сила одлуката на Централната банка на Косово со која на Косово се плаќа само со евра, што значи дека се укинува користењето на српскиот динар.
Владата на Косово најави дека примената на регулативата за готовински трансакции ќе се одвива преку лесна транзиција и дека нема да има казни за поседување валути на други земји.
На оваа одлука на Косово се спротивстави Србија, а меѓународната заедница побара одложување на нејзиното спроведување со образложение дека постои загриженост дека тоа може да има негативно влијание врз косовските Срби.
Досега, динари на Косово пристигнуваа од Србија преку Народната банка на Србија, која има трезор во Лепосавиќ, општина со српско мнозинство на северот на Косово.
Видете и ова: Стапува на сила одлуката на Централната банка на Косово за плаќање во евраЦентралната банка на Косово во одговор за Радио Слободна Европа, претходно изрази подготвеност да се вклучи во дискусиите со цел да се олесни процесот на префрлање средства на банкарските сметки на корисниците во евра врз основа на постоечките регионални практики.
Американскиот Стејт департмент во четвртокот објави дека е „еднострана“ одлука на Косово да го спроведе указот на Централната банка и повика „веднаш“ да се одложи.
„САД се длабоко разочарани и се противат на сегашните планови на Косово да продолжи со спроведувањето на одлуката за ограничување на увозот на странски валути, вклучувајќи го и српскиот динар“, соопшти Стејт департментот.
Европската унија го повика Косово да понуди долг преоден период за напуштање на употребата на српскиот динар.