Вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска, по разговорите во Одделот за правда на САД во Вашингтон, изјави дека очекува американската црна листа да продолжи да се дополнува.
„Секогаш, велам, дека тоа е дополнителна помош од нашите меѓународни партнери, за да ги поттикнат домашните институции да си ја вршат својата работа, вели Грковска во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски јазик.
Таа нагласува дека тоа првенствено е домашна работа, на домашните институции и правосудство, да ги покренат овие случаи и да се посведочи дека има завршница и оти навистина некој одговара од високите профили обвинети за корупција, доколку навистина се огрешиле пред законот.
Видете и ова: Плодни корупциски афери, јалови институционални исходиНо, како што посочува Грковска, за справување со овие процеси се потребни храбри луѓе.
„Заради недостатокот на ефикасноста и резултати во правосудниот систем, има генерално мислење во јавноста дека се уште не можеме да бидеме сосема задоволни од резултатите во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Тоа е главно на адреса на правосудниот систем. Сакам да им упатам порака на сите оние кандидати на Академијата за судии и обвинители коишто се гледаат во оваа професија, дека сега е време да се преиспитаат дали се доволно храбри, и дали се подготвени да издржат на сите притисоци и сите предизвици, кои што таа позиција ќе им ја донесе, за да можат чесно, со интегритет и професионално, да ја вршат својата работата, да ги процесираат случаите и да пресудуваат според законот, без разлика за кого станува збор, затоа што треба да станат свесни дека прашањето за борбата против корупцијата стана безбедносно прашање“ вели Грковска.
Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години ги ставија на црната листа поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, бизнисменот Орце Камчев, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсоненко.
Владата, на 16 јануари годинава, едногласно со консензус изрази политичка волја да ги достави до Собранието предложените измени на Законот за рестриктивни мерки со кои се предивидува правните акти на САД и Обединетото Кралство да бидат валидна основа за ставање на лица или компании на домашниот список на санкции.
Видете и ова: Џафери се сретна со Агелер, предлог- законот за рестриктивни мерки ќе се разгледува на следната владина седницаНо, од Владата во четвртокот информираа дека поради административни причини предлог законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки се повлекува од собраниска процедура и дека ќе биде повторно рзгледан следната владина седница.