Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер, соопштија од Владата.
Тема на средбата била потребата од обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции и подготовка и реализација на фер и демократски избори, се вели во соопштението. Џафери ја извести Агелер и за предлог-законот за рестриктивни мерки за кој се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено истиот повторно да се разгледува на следната владина седница, соопштија од Владата.
Двајцата соговорници се согласиле дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.
Агелер на Џафери му го честитала изборот за премиер, „истакнувајќи ја важноста од неговата улога во демократскиот развој на земјата како прв претседател на Собранието Албанец и прв претседател на Владата на Северна Македонија, Албанец во историјата на земјата.
Видете и ова: Измените на Законот за рестриктивни мерки ќе чекаат одобрување од техничката владаВладата вчера(1.2) соопшти дека предлог-законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини и дека се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека „ова е обид да за заштитат функционерите од Владата на СДСМ и ДУИ кои треба да бидат казнети“.
„Што им објаснија ДУИ на стратешките партнери за законот за црните листи? Дали можеби се смета дека ова не е европски закон?“, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, денеска на прес-конференција
Предлог-измените на законот за рестриктивни мерки беа едни од последните одобрени од претходната влада предводена од Димитар Ковачевски на седница на 16 јануари, а потоа беа испратени во Собранието.
Измените предвидуваат македонските државјани и фирми кои ќе завршат на црните листи на САД и Обединетото Кралство поради корупција и злоупотреба на службената положба, да почувствуваат санкции и од домашните власти. Нив на брифинг со новинарите ги презентираше министерот за надворешни работи Бујар Османи на 11 јануари.
Тие предвидуваа оние што ќе се најдат на американски или британски црни листи, да може да бидат санкционирани и од Владата на Северна Македонија. Со измените се планира и да се наметне обврска на обвинителството да отвори предмет доколку Владата воведе рестрикции за некој што ќе биде санкциониран од САД и Велика Британија. Исто така, во случај предметот во обвинителството да дојде до фаза на покренување обвинение, се предвидува и времено отстранување од функција доколку станува збор за функционер или, пак, забрана за учество во јавни набавки ако е во прашање фирма.
Видете и ова: Агелер: Не коментирам предлог закони, поздравувам борба против корупцијаВаквите предлог-измени предизвикаа и многу правни дилеми, а меѓу оние кои имаа резерва беше и Министерството за правда кое забележа дека постоечкиот Закон за рестриктивни мерки не треба да се менува, а не треба ниту нов закон за да има борба со криминалот и корупцијата.
САД минатата година ја апдејтираа црната листа со десетина сегашни и поранешни функционери, бизнисмени и компании. Меѓу актуелните фунцкионери на црната листа се најде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ. Дополнително на оваа листа се најде и поранешниот вицепремиер за економски прашања и бизнисмени Кочо Анѓушев.
На црната листа се и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во Северна Македонија.