Обвинителен предлог против учесник на протестите на опозицијата во Белград

Протест на опозицијата по изборите во Србија, Белград, 30 декември 2023 година

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека поднело обвинителен предлог против Саша Д.(54) поради сомнение дека на 24 декември 2023 година „учествувал во обид за насилен влез“ во зградата на Собранието на Белград за време на протестот на опозициската коалиција „Србија против насилството“.

Обвинителството во соопштението наведува дека осомничениот се товари за „учество во група што сторила кривично дело“ и предложи обвинетиот, кој се брани од слобода, да биде осуден на условна казна затвор од шест месеци.

Вишото јавно обвинителство претходно соопшти дека седумтемина уапсени демонстранти склучиле спогодба за признавање вина, по што се осудени на условна казна и парични казни.

Видете и ова: Дел од опозицијата во Србија и во 2024 ги продолжи протестите за поништување на изборите

Четворица од уапсените се во затвор, а шестмина се во домашен притвор.

Повеќето од уапсените се товарат за насилничко однесување и повикување на насилна промена на уставниот поредок.

Опозицијата тврди дека тие се провокатори испратени од власта и ја обвинува полицијата за прекумерна употреба на сила и незаконско апсење на демонстрантите.

Опозициската коалиција се сомнева дека владејачката Српска напредна партија (СНС) направила изборна кражба и преку низа протести бара да се поништат изборите што се одржаа на 17 декември 2023 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги отфрли овие обвинувања.

Видете и ова: Протест пред Уставниот суд во Белград, демонстрантите побараа поништување на изборите

Сомнеж за регуларноста на изборите изрази и Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), која на 18 декември 2023 објави дека изборите биле одбележани со сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, доминација на медиумите на претседателот Вучиќ, негативна кампања и ширење на страв.

И европратеници побараа независна истрага за сите пријавени нерегуларности за време на изборите, а Соединетите Американски Држави ги повикаа и властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи.

Во Србија се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 општини и градови, меѓу кои и Белград.

На покана на „Србија против насилството“ од 18 декември 2023 се организираат протести поради наводи за изборна кражба.