Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Србија во понеделник (5 февруари) ќе побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово, откако косовските власти донесоа одлука за укинување на српскиот динар.
Тој во своето обраќање до јавноста рече и дека по одлуката за укинување на динарот косовската полиција влегла во одредени институции на српските привремени власти на Косово.
На 1 февруари во Косово стапи на сила уредбата на Централната банка на Косово (ЦБК) со која се предвидуваше за плаќање да се користат само евра, со што се прекинува употребата на српскиот динар. Владата на Косово најави дека спроведувањето на регулативата за готовинско работење ќе се одвива преку лесна транзиција.
Вучиќ рече дека Србија на косовските Срби ќе им плати однапред околу 22 милиони евра за плати, за пензии и за други бенефиции.
„Рано почнавме да им исплаќаме плати, пензии и социјални надоместоци на Србите во Косово, многу пред да дојде време да ги исплатиме февруарските бенефиции. До 12 часот исплативме околу пет милиони евра“, рече Вучиќ.
Тој најави дека в понеделник ќе продолжи доставата на пари преку овластен и лиценциран превозник, дека Србија ќе направи се Србите во Косово да ги добијат своите приходи и дека ќе бараат решенија за тоа.
Вучиќ рече дека на Косово има 31.831 вработен, 29.115 пензионери и 31.586 корисници на социјална помош.
Според него, во Косово има 34 пошти кои работат во рамките на Поштата на Србија - 11 северно од Ибар и 23 јужно, како и 14 банкомати и 216 вработени.
Вучиќ изјави и дека банката „Поштанска штединица“ има седум банкомати и пет филијали во Косово, како и 45.214 клиенти.
Претседателот на Србија изјави дека одлуката на косовските власти за укинување на српскиот динар е напад на сите договори потпишани од 1999 година.
„Во секој од тие акти, право на Србија е да финансира одредени активности, здравство, образование, пензии“, рече Вучиќ
Вучиќ изјави дека одлуката за откажување на динарот ја донел „самоиницијативно“ косовскиот премиер Албин Курти.
Тој оцени дека целта на ова е „етничко чистење на Србите на Косово“.
Тој изјави дека укинувањето на динарот на Косово „не било и не можело да биде“ тема на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел.
Како што рече, нема да има разговори меѓу Народната банка на Србија и Централната банка на Косово.
Вучиќ се осврна и на наводите дека банката „Поштанска штидиница“ сега мора да аплицира за лиценца или посебна дозвола.
„Не мора да го правите тоа затоа што го имате таканаречениот систем за аплицирање и систем за дозволи. Секогаш функционирал според системот за аплицирање. Тие повторно го бараат поради признавање“, додаде Вучиќ.
Претседателот на Србија изјави дека верува оти западните партнери „ќе си го одржат зборот и ќе се обидат да се изборат за елементарните права на српското население“ на Косово.
Тој исто така рече дека напишал писмо во врска со ситуацијата на Косово, кое ќе го испрати до претставниците на членките на Европската унија, институциите на ЕУ, претседателите и премиерите на членките на Советот за безбедност, вклучително и Русија и Кина, „кои ги информиравме во внатрешните консултации. колку сме загрижени“.
На 17 јануари Централната банка на Косово објави дека од 1 февруари единствена валута за готовина и платежни трансакции ќе биде еврото. Како што велат, ваквата одлука донеле врз основа на Уставот на Косово.
Амбасадорите на земјите од „Група Квинт“ побараа од Косово да ја прекине примената на регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), која предвидува единствена валута за плаќање во Косово да биде еврото.
Европската Комисија исто така ги повика косовските власти да дозволат доволно долг преоден период за спроведување на уредбата за забрана за употреба на динарот на територијата на Косово.
Косовскиот премиер Аљбин Курти им порача на амбасадорите на земјите од „Група Квинт“ и на шефот на канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Косово дека единствена валута дозволена за употреба во готовинските трансакции е еврото, по одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) да го суспендира српскиот динар.