Вработените во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување(ФЗО) од понеделник ќе штрајкуваат, незадоволни од, како што велат, можно намалување на платите. Ќе се извршуваат само неоходните работни задачи, најавија од Синдикалната организација на Синдикатот на УПОЗ при ФЗО.
Во неопходни задачи се пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи, соопштија од Синдикатот.
За прием на документи ќе има само по еден вработен во подрачните единици.
„Истовремено сакаме да се заблагодариме на досегашната поддршка и разбирање на граѓаните и лекарите од јавното и приватното здравство, кои ги поддржуваат вработените во нивните барања и се на страната на вработените во ФЗО и имаат разбирање за нивниот проблем со платите“ соопштија од Синдикатот на ФЗО.
Вработени од ФЗО и во понеделникот(29.1) се собраа пред просториите на Фондот да искажат незадовослтво.
„Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент“, изјави претседателот на Синдикалната организација на ФЗО, Бранко Аџигогов.
Од Министерството за финансии следниот ден соопштија дека не станува збор за намалување на платите на вработените во ФЗО, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување кое ќе има фискални импликации врз буџетот на Фондот.
Платите во ФЗО во текот на 2023 година, како што наведоа од соопштија од Министерството за финансии, се зголемени повеќепати и тоа 2.100 денари или околу седум отсто во март 2023 година со усогласувањето со минималната плата, зголемување од 2,5 проценти во јануари 2023 година и 3,5 отсто во август 2023 година.
- Согласно Општиот колективен договор, има предвидено зголемување од 10 отсто, како и за сите вработени во јавниот сектор. Кумулативното зголемување на платите во текот на 2023 година во ФЗО е околу 25 проценти. Вработените во ФЗОМ во текот на 2023 година остварија право на регрес од по 10.000 денари. Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата му препорача на Управниот одбор на ФЗОМ, одлуката за зголемување на вредноста на бодот да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ, не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година. Обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки“, соопштија од Министерството за финансии.
Во ФЗО има 831 вработен. Според Синдикатот, ако им се намалат платите, 25 отсто вработени ќе добиваат плата под минималната, а 25 отсто - колку минималната плата.