Романија итно треба да усвои законска рамка што ќе овозможи воена обука за цивилни доброволци, бидејќи земјата треба да биде подобро подготвена во случај војната на Русија против Украина да се прошири, рече новиот врховен командант на армијата на Романија, Георгица Влад.
„Да, населението на Романија, како и населението на целата Европска унија и Европа, мора да биде загрижено“, изјави генералот Влад за сервисот на романски јазик на Радио Слободна Европа.
„Лично, иако не нужно како професионален војник, верувам дека Руската Федерација нема да застане во Украина. Доколку победи во Украина, нејзина следна главна цел ќе биде Молдавија. Ќе видиме тензии и на Западен Балкан. Јас сум убеден дека рускиот претседател Владимир Путин ќе ја ескалира својата политика во блиска иднина“, изјави романскиот генерал.
Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, доведувајќи ја војната до северните и црноморските граници на Романија. Романија го укина воениот рок во 2007 година, три години по пристапувањето во НАТО во март 2004 година и формираше професионална армија и резервни сили.
Видете и ова: ЕУ постигна договор за обезбедување 50 милијарди евра помош за УкраинаВлад рече дека нацрт-законот напишан од Министерството за одбрана моментално се наоѓа во двата дома на парламентот, а за него најверојатно ќе се расправа по неколку круга локални, парламентарни и претседателски избори закажани за оваа година.
„Меѓу другото, сакаме да воведеме доброволно служење воен рок со одредено време“, рече Влад и додаде дека оваа програма ќе биде одвоена од професионалната армија, но дека учесниците сепак ќе бидат платени.
„Ја таргетираме возрасната група од 18 до 35 години, без разлика на нивниот пол, националност и вера, млади луѓе кои сакаат да носат воена униформа. Треба да платиме за оваа услуга и да ги научиме учесниците на основните правила на војување“, објасни генералот.
Романија, клучна членка на југоисточното крило на НАТО, која дели 650-километарска граница со Украина, моментално има професионална армија од 80 000 војници.
Георгица, кој во ноември застана на чело на романската армија, смета дека оваа бројка е недоволна во сегашните геополитички услови и дека треба да биде за 50 отсто поголема и да изнесува „околу 120 илјади“.