Земјоделците блокираа премини на границата меѓу Белгија и Холандија

илустрација

Земјоделците блокираа неколку гранични премини меѓу Белгија и Холандија, соопштија во петок (2 февруари) белгискиот и холандскиот транспортен центар, додека продолжуваат протестите поради даноците, зголемените трошоци, евтиниот увоз и бирократијата.

Граничниот премин во правец на Антверпен, вториот по големина град во Белгија и дом на второто по големина пристаниште во Европа, е еден од блокираните премини, објави мрежата Х.

Локалните медиуми објавија дека протестите започнале доцна во четвртокот навечер на белгиска страна, по што се приклучиле и некои холандски фармери.

Видете и ова: Незадоволните земјоделци ги блокираа улиците во Брисел пред самитот на ЕУ

Холандските власти советуваа да се избегнува да се оди во петок во Белгија ако е можно.

Земјоделците на западот на Белгија веќе неколку дена го блокираат влезот или излезот на камионите од пристаништето Зибриж, кое е дел од пристаништето Антверпен-Бриж. Фламанската телевизија ВРТ објави дека речиси 2000 камиони биле блокирани таму.

Портпаролот на пристаништето Зибриж во средата изјави дека пристаништата се полнат и ќе достигнат полн капацитет доколку протестите продолжат во текот на целата недела.

Незадоволните земјоделци протестираат и во други европски земји, како Германија, Полска, Грција, Португалија и Романија.

Видете и ова: Илјадници земјоделци го блокираа Берлин, министерот им порача дека нема дополнителни средства

Протестите ги разоткрија тензиите околу земјоделските последици од напорите на ЕУ за борба против климатските промени, како и отворањето на вратата за евтин увоз од Украина за да се помогне на воените напори на Киев.