Американскиот помошник државен секретар О'Брајан ја потврди поддршката за Шмит

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан и високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, Сараево, 2 февруари 2024 година

Помошникот државен секретар на Соединетите Држави (САД) за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан во петок (2 февруари), во Сараево се сретна со високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Како што објави Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина на мрежата Х, тие разговараа за најитните предизвици со кои се соочува Босна и Херцеговина, вклучувајќи го и изборниот интегритет.

О'Брајан ја потврди силната поддршка на САД за високиот претставник и неговата употреба на овластувањата од Бон за „имплементација и одбрана на Дејтонскиот мировен договор, поддршка за БиХ и нејзините институции, како и обезбедување на функционалноста на тие институции“, и „потиснување на поттикнувачка реторика и акции насочени кон нивно поткопување“.

По оваа средба О'Брајан треба да се сретне и со членовите на Претседателството на БиХ, како и со делегацијата на Советот на министри на БиХ.

Видете и ова: Шмит: Одбележувањето на Денот на Република Српска е неисполнување на одлуките на Уставниот суд

Стејт департментот претходно најави дека неговата посета ќе го нагласи силното партнерство меѓу САД и Босна и Херцеговина и ќе ја потврди поддршката за суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на земјата.

За време на говорот во германскиот Маршалов фонд во Вашингтон на 25 јануари, тој изјави дека, кога станува збор за Босна и Херцеговина, „индивидуалните лидери имаат корист од нестабилноста“.

О'Брајан рече и дека лидерите во Босна и Херцеговина признаваат дека мора да бидат подобри во решавањето на одредени прашања и дека тоа е вистинска промена во однос на периодот од пред четири или пет години.

О'Брајан ја презеде функцијата помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања од Дерек Шолет минатиот октомври. Тој претходно ја извршуваше функцијата координатор за политика за санкции на Стејт департментот.