Меѓународниот суд на правдата одлучува за надлежноста во случајот за геноцид меѓу Русија и Украина

Судница во Меѓународниот суд за правдата во Хаг, 2 февруари 2024 година

Врховниот суд на Обединетите Нации денеска (2 февруари) ќе одлучи дали има јурисдикција во случајот во кој Украина ја обвини Русија за кршење на меѓународното право, поради тврдењата на Москва дека инвазијата била започната за да се запре наводниот геноцид.

Украина го поднесе случајот до Меѓународниот суд на правдата (МСП), познат и како Светски суд, неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, барајќи да се бори против агресијата на сите фронтови, правни, дипломатски и воени.

Случајот се врти околу Конвенцијата за геноцид од 1948 година, но не е Киев тој што ја обвинува Москва за геноцид во Украина. Наместо тоа, Украина тврди дека Русија ја прекршила конвенцијата оправдувајќи ја инвазијата тврдејќи дека е неопходно да се запре наводниот геноцид врз населението што зборува руски во источна Украина.

На сослушувањата во септември минатата година, адвокатите на Москва ги повикаа судиите да го отфрлат случајот, велејќи дека правните аргументи на Киев се погрешни и дека судот нема јурисдикција.

Видете и ова: Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да преземе мерки за да спречи геноцид

Украина тврди дека нема закана од геноцид во источна Украина, каде што се бори против силите поддржани од Русија од 2014 година. Москва тврди дека Украина го користи овој случај за „по заобиколен пат“ да ја добие пресудата за целокупната законитост на руската воена акција.

Повеќе од дваесет европски земји, како и Австралија и Канада, го поддржаа Киев со давање официјални изјави пред судот, нагласувајќи дека веруваат дека случајот треба да оди на судење.

Судот веќе издаде вонредни мерки во март 2022 година во овој случај, со кои и наложи на Русија веднаш да ги прекине своите воени операции во Украина. Иако одлуките на судот се конечни и правно обврзувачки, тој нема начин да ги спроведе, а некои земји, како Русија, ги игнорираа неговите наредби.

Ако МСП одлучи дека има јурисдикција за случајот за геноцид меѓу Украина и Русија, може да поминат месеци пред судот да го разгледа целиот случај.

Претходно оваа недела, Украина извојува мала победа во МСП кога судиите пресудиле дека Русија ги прекршила договорите на ОН против финансирањето на тероризмот и дискриминацијата во друг случај кој се однесува на инцидентите во 2014 година.