Предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, кои треба да ги вметнат американската и британската црна листа во македонското законодавство, се повлечени од собраниска процедура и ќе чекаат одобрување од новата техничка влада предводена од Талат Џафери, која беше избрана на 28 јануари.
„Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија“ велат од Владата.
Видете и ова: Се чекаа санкции, се роди предлог закон за црните листиОвие предлог-измени беа едни од последните кои беа одобрени од претходната влада предводена од Димитар Ковачевски на седница на 16 јануари, а потоа беа испратени во Собранието.
Измените предвидуваат македонските државјани и фирми кои ќе завршат на црните листи на САД и Обединетото Кралство поради корупција и злоупотреба на службената положба, да почувствуваат санкции и од домашните власти. Нив на брифинг со новинарите ги презентираше министерот за надворешни работи Бујар Османи на 11 јануари.
Тие предвидуваа оние што ќе се најдат на американски или британски црни листи, да може да бидат санкционирани и од Владата на Северна Македонија. Со измените се планира и да се наметне обврска на обвинителството да отвори предмет доколку Владата воведе рестрикции за некој што ќе биде санкциониран од САД и Велика Британија. Исто така, во случај предметот во обвинителството да дојде до фаза на покренување обвинение, се предвидува и времено отстранување од функција доколку станува збор за функционер или, пак, забрана за учество во јавни набавки ако е во прашање фирма.
Видете и ова: Агелер: Не коментирам предлог закони, поздравувам борба против корупцијаВаквите предлог-измени предизвикаа и многу правни дилеми, а меѓу оние кои имаа резерва беше и Министерството за правда кое забележа дека постоечкиот Закон за рестриктивни мерки не треба да се менува, а не треба ниту нов закон за да има борба со криминалот и корупцијата.
Владата на Талат Џафери беше формирана на 28 јануари односно сто дена пред одржување на парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај. Моделот на преодна влада пред избори беше воведен во 2016 година по политичката криза во земјата.
На 8 мај, покрај на парламентарни, граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат и во втор круг претседателски избори. Првиот круг треба да се одржи на 24 април.