Првата дама на Украина Олена Зеленска ги повика сојузниците на Киев да дејствуваат побрзо во заеднички напор да ја принудат Москва да ги врати украинските деца однесени во Русија за време на војната, велејќи дека времето не е на страната на децата.
Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) во Рига, каде што беше ко-домаќин на конференцијата наречена „Руската војна против децата“, Зеленска рече дека Украина соработува со западните сојузници на развивање правни механизми за притисок врз Москва да ги пушти децата да се вратат дома.
Според официјалните украински податоци, повеќе од 19 500 деца биле незаконски однесени во Русија откако Москва ја започна својата инвазија пред речиси две години. Зеленска предупреди дека Русија го забрзува процесот на посвојување и дека колку подолго се таму, толку е подлабоко влијанието врз нивните животи.
„За жал, нашиот главен непријател овде е времето, бидејќи пред се децата растат. Немаме година, две, три. Мора да го разбереме ова. Се надевам дека денешните разговори ќе ги поттикнат нашите партнери да дејствуваат побрзо“, изјави таа за РСЕ.
Видете и ова: Русија негира депортација на украински деца, но тврди дека стотици илјади се преселиле на нејзината територијаОд почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси две години, само 517 деца се вратени од околу 20 000 кои незаконски биле однесени и чувани во Русија, покажуваат податоците презентирани на 14 јануари од украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец.
Според официјалните податоци на украинските власти, до крајот на минатата година од Украина во Русија биле однесени најмалку 19.546 деца. Бројката се однесува само на оние случаи кои се официјално евидентирани, а се верува дека реалната бројка е значително поголема.
Неколку украински деца кои се вратија од Русија ги споделија своите приказни на конференцијата. Зеленска рече дека е важно луѓето да ги слушнат и видат децата за да сфатат каква траума доживеале и зошто другите треба да се вратат што е можно поскоро.
Украинските деца кои ги држи Русија „не треба да станат само статистика“, рече таа. „За жал, човечката психологија функционира на тој начин што кога не гледате лица, кога само гледате документи, тоа не влијае на вас, на вашата душа“.
Минатата година, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за деца Лвова-Белова, обвинувајќи ги за депортирање на украински деца во Русија - воено злосторство според меѓународното право.
Зеленска ги нарече децата кои зборуваа „важни сведоци“ и рече дека нивните приказни се „доказ“ за злосторствата на Русија.
„Навистина се надевам дека она што го поминаа ќе биде само страница во нивните животи што ја свртеа. Ќе се сеќаваат, но тоа нема да биде она што им го променило животот засекогаш“, рече таа.
Апелирајќи за враќање на украинските деца од Русија, Зеленска рече дека би било погрешно да се принудат мајките од Украина кои со своите деца побегнале во западните земји да се вратат дома додека војната се уште трае.
„Ние во Украина разбираме дека најважното нешто за мајката е да го спаси своето дете. И нашиот сон е сите да се вратат [во Украина]. Но, ние разбираме дека за ова е потребен мир. Ни треба мир, ни треба закрепнување, луѓето да имаат каде да се вратат“, рече таа.