Навални повика на протести за време на претседателските избори во Русија

Протестот за поддршка на Алексеј Навални во Москва, 21 април 2021 година.

Протестот за поддршка на Алексеј Навални во Москва, 21 април 2021 година.

Затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални повика на протести против претседателот Владимир Путин за време на претседателските избори следниот месец.

Навални ги повика гласачите масовно да излезат напладне во деновите на гласање и да формираат долги гласачки редови во знак на противење.

„Тоа би можело да биде силна демонстрација на националното расположение. Вистинските гласачи наспроти фикцијата на е-гласањето. Вистинските луѓе стојат во ред за да гласаат против Путин, наспроти лажните и лажни гласови ’за‘“, рече Навални на 1 февруари во објава на X мрежата.

Навални, кој минатиот месец одбележа една година од неговото затворање под обвиненија за кои се верува дека се политички мотивирани, рече дека идејата e аацијата да биде „целосно легална и безбедна“ за време на тридневните избори, кои завршуваат на 17-ти март.

Видете и ова: Борис Надеждин поднесе пријава за кандидатура на претседателските избори во Русија

Во објавите на социјалните мрежи, тој рече дека излезноста на пладне е традиционално висока, што го прави „едноставно невозможно“ идентификувањето на оние што гласаат против Путин.

„Нема начин да се запре оваа акција. Па, што може да направат? Дали ќе ги затворат избирачките места во 12 часот? Дали ќе организираат акција за поддршка на Путин во 10 часот? Ќе ги регистрираат ли сите што дошле напладне и ќе ги стават на списокот на недоверливи?“ прашува тој.

„Ова ќе биде национален протест против Путин, блиску до местата каде што живеете. Достапно е за секого, секаде. Милиони луѓе ќе можат да учествуваат. И десетици милиони луѓе ќе можат да го посведочат тоа“, додаде тој, истакнувајќи дека првичната идеја потекнува од неговиот долгогодишен пријател и поранешен член на градскиот совет на Санкт Петербург Максим Резник.

Путин беше формално регистриран како кандидат на почетокот на оваа недела на изборите на кои се очекува да ги порази главните противници--вклучително и Навални--кои се во затвор или надвор од земјата откако побегнаа од безбедносни причини.

Руските избори се строго контролирани од Кремљ, изборите не се слободни и властите ги исклучуваат кандидатите на опозицијата, ги заплашуваат гласачите, фалсификуваат гласачки ливчиња и манипулираат на други начини.

„Веќе реков дека едноставното учество на изборите и гласањето против Путин не е борба против него, туку самозаблуда“, напиша Навални.

„Всушност, токму тоа сака Путин да го правите: дојдете и гласајте како сакате (вештерката Панфилова ќе се погрижи за сè), но не правете ништо друго. Треба да сметате дека се борите на овој начин“, напиша тој.

Навални, кој за малку ќе умреше од труење со нервен агенс од типот „Новичок“ во 2020 година, за што ги обвинува руските безбедносни оперативци кои работеле по наредба на Путин, беше приведен на 17 јануари 2021 година на аеродромот во Москва по пристигнувањето од Германија каде се лекуваше од труење.