Илјадници летови откажани поради штрајк на германските аеродроми

Аеродром во Германија (илустрација)

Десетици илјади патници кои планираа да патуваат со авион денеска (1 февруари) се блокирани поради штрајкот на чуварите на аеродромите низ Германија. Овој е последниот штрајк на работниците што ја погоди најголемата европска економија.

Најмалку 1 100 летови се откажани на 11 аеродроми, вклучувајќи го и Франкфурт, најпрометниот аеродром во земјата, како и главниот град Берлин, соопшти германската аеродромска федерација АДВ.

На аеродромот во Франкфурт откажани се 310 од 1 120 дојдовни и појдовни летови, иако подоцна во текот на денот би можеле да бидат најавени други откажувања, изјави за АФП портпаролот на аеродромскиот оператор Фрапорт.

Берлинскиот аеродром објави дека во четврток нема да има летови од терминалот, кој во просек опслужува околу 50 000 патници дневно.

Други аеродроми погодени од штрајкот се Хамбург, Бремен, Хановер, Келн, Дизелдорф, Лајпциг, Дрезден, Ерфурт и Штутгарт. Аеродромите во Баварија, вклучувајќи го и Минхен, кој е втор најфреквентен по Франкфурт, не се погодени од штрајкот.

Видете и ова: В четврток блокада на авиосообраќајот во Германија, задутре на градскиот транспорт

Инаку три рунди работни преговори не успеаја да постигнат договор за платите на околу 25 000 работници од обезбедувањето. Синдикатот бара зголемување од 2,80 евра на час за сите вработени и бонуси за прекувремена работа кои ќе почнат од првиот дополнителен час. Во моментов се пресметува саатница од 20,60 евра на час за почетна плата на работните места за обезбедување на аеродромите.

Од Здружението на работодавачи велат дека понудиле покачување за четири проценти оваа година и три проценти следната година, како и отстапки кога ќе се воведат бонуси за прекувремена работа. Предвидено е преговорите да продолжат на 6 февруари.

Шефот на Синдикатот Верди, Франк Вернеке, рече дека условите за работа во овие области се „толку катастрофални што луѓето сакаат некакво олеснување“.

Германија беше погодена од бран штрајкови во последните недели. Минатата недела машиновозачите одржаа петдневен штрајк, најдолг до сега, но и четврти од ноември.