Закерберг во Сенатот им се извини на родителите чии деца биле оштетени од социјалните мрежи

Извршниот директор на TikTok, Shou Zi Chew, извршниот директор на X Corp, Линда Јакарино и извршниот директор на Meta, Марк Закерберг, на сослушување во Сенатот за онлајн сексуална експлоатација на деца, Капитол во Вашингтон, САД, 31 јануари 2024 година.

Лидерот на Мета, Марк Закерберг на сослушување во Сенатот на САД на 31 јануари им се извини на семејствата за влијанието на социјалните мрежи врз децата.

На повик на републиканскиот сенатор Џош Хејли, Закерберг стана и им се обрати на семејствата држејќи слики од нивните деца за кои родителите велат дека биле оштетени од социјалните мрежи.

Кога започна расправата, комисијата пушти видео од деца кои зборуваат за малтретирање на социјалните мрежи. Сенаторите наведоа и примери на млади луѓе кои си ги одзеле животите.

„Дали сега сакате да им се извините на жртвите што ги повреди вашиот производ“, праша Хејли, истакнувајќи дека сослушувањето се пренесува во живо на телевизија.

Закерберг стана, се сврте и им се обрати на семејствата.

„Жал ми е за се што сте поминале. Никој не треба да поминува низ работите низ кои поминале вашите семејства и затоа инвестираме толку многу и ќе продолжиме да вложуваме напориво целата индустрија за да се осигураме дека никој нема да поминува низ работите што вашите семејства морале да ги претрпат“, рече Цукерберг.

Видете и ова: Пет избори кои ќе го обликуваат светскиот поредок во 2024 година

Хејли за време на сослушувањето агресивно го критикуваше Закерберг. „Вашиот производ убива луѓе“, му рече Хејли на Закерберг чија компанија е сопственик на Фејсбук и Инстаграм.

Закерберг е еден од петте извршни директори на технолошките гиганти кои беа обвинети во Конгресот во средата на сослушувањето насловено „Технолошките гиганти и онлајн кризата со сексуална експлоатација на деца“.

Сослушувањето беше свикано за да се испита и да се истражи злото на онлајн сексуалната експлоатација на деца, се вели во соопштението на Комитетот за правосудство на американскиот Сенат.

Видете и ова: Aпликација за владеење со сите, наскоро на интернет во Русија

Присуствуваа извршните директори: Марк Закерберг од Мета, Линда Јакарино од Икс (поранешен Твитер), Шоу Зи Чју од ТикТок, Еван Шпигел од Снепчет и Џејсон Ситрон од Дискорд.

Законодавците истражуваат како технолошките платформи се борат со штетните содржини на интернет и што треба да се направи за подобра заштита на децата.