Градскиот функционер Никола Никодијевиќ изјави дека во Белград ќе има нови избори доколку на конститутивната седница на 19 февруари нема мнозинство за избор на претседател на белградското собрание.
На изборите на 17 декември ниту една листа или партија не освои доволно гласови за формирање власт во Белград, додека проевропската опозиција објави дека изборите во главниот град на Србија се украдени и бара нивно повторување.
Градскиот информативен сервис Беоинфо на 31 јануари објави дека Никодијевиќ - поранешен претседател на белградското собрание и функционер на Социјалистичката партија на Србија, ја соопштил процедурата во случај да нема мнозинство: Во рок од два месеца од објавувањето на конечните резултати, Владата на Србија воведува Привремена управа за управување со градот, по што се распишуваат нови избори.
Видете и ова: Протест пред Уставниот суд во Белград, демонстрантите побараа поништување на изборитеКонечните резултати од изборите во Белград беа објавени на 21 јануари.
„Сите политички субјекти со кои споделуваме заеднички вредности се поканети на дискусија за формирање градска власт. Не сакам да шпекулирам дали сега ќе има мнозинство“, рече Никодијевиќ.
Градската изборна комисија во јануари го усвои вкупниот извештај за резултатите од изборите за советници на Собранието на Град Белград, според кој листата „Александар Вучиќ - Белград не смее да запре“ на Српската напредна партија (СНС) освои 49 мандати.
Опозициската листа „Србија против насилство“ (СПН) освои 43 мандати.
Собранието на Белград има 110 советнички места.