Највисокиот суд на ОН одлучува за случајот „тероризам“ меѓу Украина и Русија

Зградата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Холандија, на 11 јануари 2024 година.

Меѓународниот суд на правдата треба да донесе одлука за тужбата на Киев за финансирање тероризам против Русија, поради активностите на Москва во источна Украина и „расната дискриминација“ од страна на Русија, откако таа незаконски го анектираше полуостровот Крим во 2014 година.

Судот на Обединетите нации со седиште во Хаг се очекува денска да донесе одлука.

Киев тврди дека Москва го прекршила договорот за финансирање тероризам со вооружување и поддршка на проруските сепаратисти во источна Украина од 2014 година.

Видете и ова: Вонреден самит на ЕУ - обиди да се убеди Орбан да одобри помош за Украина

Таа е обвинета и за потиснување на правата на етничките Татари и другите малцинства, откако Москва го окупираше и незаконски го анектираше украинскиот полуостров.

Киев се надева дека пресудата во негова корист би можела да влијае на другите случаи покренати против Русија поврзани со нејзините активности на украинска територија.

Украинските вооружени сили се борат со сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина во конфликт во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе од април 2014 година.

Украина побара од судот да ѝ наложи на Москва да престане да ги финансира сепаратистите во источна Украина и да плати компензација за нападите, вклучително и соборувањето на летот на Малезија ерлајнс во јули 2014 година над територијата под контрола на сепаратистите во источна Украина, во несреќата во која загинаа сите 298 луѓе во авионот и членовите на екипажот.

Видете и ова: Руската Дума поддржа конфискација на имот на оние кои се противат на војната

Русија негира вмешаност во соборувањето на патничкиот авион.

Меѓутоа, меѓународната истрага предводена од Холандија заклучи дека авионот бил соборен од руски ракетен фрлач Бук, кој бил поставен на територија под контрола на сепаратистите.

Во февруари 2022 година, Русија започна целосна инвазија на Украина, а десетици илјади луѓе загинаа од двете страни во војната.