Епидемија на сифилис во САД

Илустративна фотографија.

Епидемијата на сифилис во Соединетите држави не стивнува, при што стапката на заразни случаи се зголеми за 1 процент во 2022 година, според новиот извештај на федералната влада за сексуално преносливи болести кај возрасните.

Сепак, има и добри вести за американското население - стапката на нови случаи на гонореја е намалена за прв пат по една деценија, пишува АП, пренесува Гласот на Америка.

Не е јасно зошто бројот на случаи на сифилис пораснал за девет отсто, додека случаите на гонореја се намалиле за ист процент, изјавија официјални лица од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), додавајќи дека е премногу рано да се знае дали има нов тренд на намалување.

Тие најмногу се фокусираат на сифилисот, кој е поредок од гонореја или кламидија, но се смета за поопасен.

Видете и ова: СЗО: Стапките на вакцинација против ковид и грип се неверојатно ниски

Вкупниот број на случаи надмина 207.000 во 2022 година, најмногу во Соединетите држави од 1950 година, според податоците објавени во вторникот.

И додека продолжува несразмерно да ги погодува хомосексуалците и бисексуалните мажи, почесто се појавува кај хетеросексуалните мажи и жени и сè повеќе ги погодува новороденчињата, велат претставници на ЦДЦ.

Сифилисот е бактериска болест која може да се појави како безболни рани на гениталиите, но на крајот може да доведе до парализа, губење на слухот, деменција, па дури и смрт доколку не се лекува.

Новите инфекции со сифилис нагло паднаа во САД почнувајќи од 1940-тите, кога антибиотиците станаа широко достапни, а најниското ниво беше забележано во 1998 година.

Во текот на 2022 година се регистрирани 59.000 случаи на најзаразната форма на сифилис. Од нив, околу една четвртина биле жени, а речиси една четвртина биле хетеросексуални мажи.