Вонреден самит на ЕУ - обиди да се убеди Орбан да одобри помош за Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Лидерите на Европската унија во четврток во Брисел ќе се обидат да го убедат унгарскиот премиер Виктор Орбан да одобри пакет макрофинансиска помош за Украина, за што тој не се согласи на последниот самит во декември минатата година.

Според најавите од Брисел, на вонредниот самит шефовите на држави или влади на земјите членки ќе разговараат за ревизија на буџетот со кој се предвидува пакет помош за Украина од 50 милијарди евра за следните четири години, од кои 17 милијарди се грантови и 33 се заеми.

Покрај пакетот помош за Украина, предлогот за ревизија на буџетот предвидува две милијарди евра за миграција и управување со границите, 7,6 милијарди евра за соседството и светот, 1,5 милијарди евра за Европскиот фонд за одбрана, во рамките на новиот инструмент СТЕП (Платформа за стратешки технологии за Европа), две милијарди евра за инструментот за флексибилност, 1,5 милијарди евра за солидарниот фонд и за итна помош.

Поради противењето на помошта за Украина, Орбан го блокираше целиот пакет, а согласноста ја условуваше со одмрзнување на сите европски фондови наменети за Унгарија.

Видете и ова: Неформален состанок на министрите на ЕУ за зајакнување на воената поддршка за Украина

Пред декемврискиот самит, Европската комисија одмрзна 10,2 милијарди евра унгарски фондови, а уште околу 21 милијарда беа блокирани.

Во последните денови Орбан сигнализираше дека е подготвен да го поддржи пакетот помош за Украина во рамките на седумгодишниот буџет, под услов за него да се одлучува годишно и едногласно, што не е прифатливо за другите земји-членки, ниту е во согласност со Европски правила.

Во четврток во Брисел ќе се разговара за зголемување на средствата за Европскиот инструмент за мировна помош (ЕПФ) за пет милијарди евра годишно во следните четири години, од кои ќе се плати оружјето и муницијата што земјите членки и ги доставуваат на Украина од нивните залихи.

Видете и ова: ЕУ постигна начелен договор за користење на профитот од рускиот имот за обнова на Украина

На последниот состанок, минатиот декември, 26 лидери поддржаа балансирана преговарачка рамка и се договорија за главните приоритети: поддршка за Украина, управување со миграцијата, поддршка за Западен Балкан и одговор на природни катастрофи, потсети претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Мишел, исто така, изјави дека лидерите на ЕУ ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и прашања како што се ослободување на заложниците, подобрување на хуманитарната ситуација во Газа и заживување на политичкиот процес за постигнување решение со две држави како единствена опција што може да донесе одржлив мир и за Израелците и за Палестинците и подобрување на регионалната безбедност.