Четири деца починаа од голема кашлица во Белград

илустрација

Четири деца починале од голема кашлица во Институтот за мајка и дете „Д-р Вукан Чупиќ“ во Белград, соопшти управителот на Клиниката за детски болести на Институтот, Владислав Вукомановиќ.

„Животот на едно дете е во опасност и е на респиратор“, изјави тој во гостувањето на Српската радио-телевизија (РТС).

Според него, регистрирани се 70 деца со голема кашлица, од кои половина се хоспитализирани.

„Ова укажува на експоненцијално зголемување на бројот на децата кои покажуваат тешка клиничка слика“, истакна тој.

Во Србија во јануари биле пријавени 1020 потврдени случаи на голема кашлица. Според податоците на Институтот, претходните години тој број бил многукратно помал.

Јавните здравствени установи повеќепати предупредуваа дека причина за тоа е нередовната вакцинација. Во јануари здравствените домови во Србија добија упатство да ги повикаат родителите чии деца не се вакцинирани.

Видете и ова: Зошто се враќа големата кашлица?

Причина, меѓу другото, е и значително зголемениот број на заболени од голема кашлица.

Вакцината против голема кашлица е задолжителна во Србија и се дава на бебиња од два месеци.

Специјалистот за детска пулмологија Снежана Рсовац претходно за РСЕ изјави дека појавата на голема кашлица покажува дека голем број родители ги одложуваат редовните имунизации на своите деца.

Големата кашлица е болест придружена со силна кашлица, чести епизоди и напади на отежнато дишење, сето тоа придружено со искашлување на слуз и често повраќање.

Освен во Србија, голем број заболени од голема кашлица се евидентирани и во земјите од регионот.