Ирачката милитантна група ги „прекинува“ акциите против САД по нападот во Јордан

илустрација

Ирачка милитантна група поврзана со Иран, осомничена дека е одговорна за нападот со беспилотно летало во кој загинаа тројца американски војници во Јордан, најави „прекинување“ на операциите против американските сили откако Вашингтон соопшти дека одлучил како да одговори на нападот.

Вооружената група Катаиб Хезболах рече дека паузата има за цел да го спречи „срамот“ на ирачката влада и сугерираше дека нападот со беспилотно летало е поврзан со американската поддршка за Израел во војната во Појасот Газа.

„Додека објавуваме прекин на воените и безбедносните операции против окупациските сили за да спречиме срам за ирачката влада, ние ќе продолжиме да го браниме нашиот народ во Газа на други начини“, рече генералниот секретар на Катаиб Хезбалах, Абу Хусеин ал Хамидави. во соопштението објавено доцна во вторникот (30 јануари).

Тројца американски војници беа убиени во Јордан на 28 јануари во напад со беспилотно летало за кој Пентагон рече дека има „отпечатоци“ од милицијата Катаиб Хезболах спонзорирана од Техеран, иако Вашингтон сè уште дефинитивно не ја идентификува групата која стои зад нападот.

„Делата зборуваат погласно од зборовите“, рече портпаролот Пет Рајдер, додавајќи дека ќе има последици.

Американскиот претседател Џо Бајден, на прашањето на новинарите во Флорида во вторникот дали одлучил како да одговори на нападот, рече „да“, без да објасни што планираат Соединетите Држави.

„Мислам дека не ни треба поширока војна на Блискиот Исток. Тоа не е она што го барам“, додаде тој.

Нападите врз американските сили сигурно ќе го зголемат политичкиот притисок во САД врз Бајден, кој е во изборна година, да возврати на интересите на Иран во регионот, можеби во Ирак или Сирија, велат аналитичарите.

Видете и ова: Бајден е под сè поголем притисок да го нападне Иран

Многу набљудувачи изразија страв од проширување на конфликтот на Блискиот Исток по избувнувањето на војната во Газа по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Најмалку 1200 беа убиени во тие напади, што предизвика израелска одмазда во која загинаа повеќе од 26 000 Палестинци, според Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас. Американските сили во Ирак и Сирија, наводно, биле нападнати повеќе од 165 пати од 7-ми октомври. Повеќето од нападите се преземени од т.н. Исламски отпор во Ирак - чадор сојуз на радикални шиитски милиции поддржани од Техеран.