Лидерите од албанскиот опозициски блок и Таравари се сретнаа со Курти во Приштина

Косово, средба на Курти со лидерите од ЕСП и Таравари

Вечерва се одржала средба на Лидерите на Европскиот сојуз за промени (ЕСП) со косовскиот премиер Аљбин Курти во Приштина. На средбата присуствувал и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, но и претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњувца. Освен што разговарале за позицијата на Абанците во Република Северна Македонија се разговарало и за заедничката европска перспектива.

„Во пријателски атмосфера разговаравме за политичките случувања во нашите земји, разговаравме и за нови можности за соработка во насока на унапредување на позицијата на Албанците во Република Северна Македонија и за заедничката европска перспектива“, напишаа лидерите на опозициската коалиција на Албанците.

Тема на разговор било и позицијата на идниот претседател на Северна Македонија.
Според соопштението на Владата на Косово, лидерите од Северна Македонија предложиле следниот претседател на оваа земја да биде од редовите на Албанците, „кој го олицетворува соживотот меѓу етничките групи и го гарантира европскиот пат на Северна Македонија“.

Видете и ова: Поддржувачите на Курти без партија, но на изборни листи во Северна Македонија


Ваквата средба доаѓа доаѓа три месеци пред парламентарните и претседателските избори, истиот ден кога започна да функционира и техничката влада задолжена за спроведување на изборите на чие чело пак е Талат Џафери од ДУИ.

На средбата присуствувал и Беќим Ќоку, кој е советник на Курти, но е од Струга и порано бил член на ДПА на Мендух Тачи, а потоа и на Алијанса. Тој е сега член на Самоопределување на Курти.

ЕСП неоидамна најави дека на нивните листи на изборите ќе има имиња и од Самоопределување, наведувајќи дека ќе се работи за политичари кои имаат македонско државјанство. Ова беше потенцирано после големите реакции во јавноста за тоа како може луѓе од други држави да се на изборни листи имајќи предвид дека иборниот законик забранува учество на странски партии.

Самиот Курти неодамна изјави дека не се меша во внатрешните работи на Македонија, откако за тоа беше обвинет од ДУИ.