Сè пожестоки борби околу главната болница во Газа, предупреди СЗО

Израел/Палестина

Борбите се интензивираат околу најголемата болница во Газа, која сè уште работи, но ќе пропадне доколку не стигне поголема помош, објави во вторникот Светската здравствена организација (СЗО).

Повеќето болници во Газа веќе се затворени поради бомбардирање после повеќе од три месеци од израелската офанзива предизвикана од нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври, јавува Ројтерс.

Болницата Насер во Кан Јунис во централна Газа функционира на минимум и е опкружена од израелската армија, според ОН.

„Ситуацијата околу Насер само се влоши со пукањето, борбите во близина и тешкотијата на луѓето да дојдат или да си одат од болницата“, рече портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер во Женева.

Во болницата се засолнуваат илјадници прогонети, лекари и пациенти.

Видете и ова: Камерон: Велика Британија размислува да ja признае палестинската држава


СЗО соопшти дека во вторникот гладни луѓе нападнале пратка со храна наменета за болница во близина на израелски контролен пункт. Храната на крајот не стигна до болницата.

Министерството за здравство во Појасот Газа, управуван од Хамас, во вторникот објави дека од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас биле убиени 26.751 лице, главно жени и деца.

Исто така, беше објавено дека 65.636 луѓе се ранети од 7 октомври, пренесе АФП.

САД и ЕУ го прогласија Хамас за терористичка организација.

Израел тврди дека израелските војници убиле околу 9.000 непријателски борци, а дека 221 член на неговите сили биле убиени во копнената офанзива во Газа која започна на крајот на октомври минатата година.