Организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура очекува техничкиот премиер Талат Џафери, во обраќањето на првата, конститутивна седница на новоизбраната техничка влада. Тој очекува техничката влада во делот на организацијата и спроведувањето на претстојните избори, но и за реализацијата на тековните обврски, владата да работи во интерес на граѓаните, стои во соопштението за медиумите по завршувањето на првата седница .
„Пред нас е една клучна задача, подготовка и организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Имаме обврска да соработуваме и со Собранието и со Државната изборна комисија и со Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, но и со Европската Унија и САД како наш стратешки партнер, со цел да обезбедиме највисоки европски стандарди во процесот во изборната кампања и на самите избори, со целосен фокус на создавање услови, во коишто граѓаните, на изборите, јасно ќе ја изразат својата волја“, рече Џафери.
Видете и ова: Ковачевски му ја предаде функцијата на ЏафериОва беше првата седница на новоизбраниот владин состав.
Преодната Влада предводена од Џафери беше избрана во неделата. Целта на оваа влада е организирање и спроведување на фер и демократски избори.
Мандатот на техничката влада е до изборот на нова политичка влада, по парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај. Две недели претходно на 24 април во земјата треба да се одржат претседателски избори.
Оваа преодна Влада беше избрана со 65 гласа „за“ и три „против“. ВМРО-ДПМНЕ беа во салата, но се воздржаа од гласање додека на седницата воопшто не присуствуваа пратениците од Европскиот сојуз за промени.
Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година, чија цел е да се погрижи за одржување на фер и демократски избори. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, а во 2020 година беше Оливер Спасовски.