Приведени ексдиректорот и двајца вработени во Клиниката за онкологија

Клиника за онкологија и радиотерапија Скопје

Поранешниот директор на Клиника за онкологија и радиотерапија, како и двајца вработени, од кои една медицинска сестра, денеска биле приведени во врска со скандалот на Онкологија, кој се однесува на наводни злоупотреби од страна на вработени на клиниката со скапата имунолошка терапија со цитостатици за пациентите болни од рак.

Ова денеска за медиумите го потврди организацискиот директор на клиниката Халид Матоши, откако претходно од Обвинителството кратко соопштија дека се преземаат дејствија за овој случај по наредба на јавен обвинител, а по информациите во медиумите дека се вршат претреси на повеќе локации.

„Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земена од некаде, исклучен и е телефонот“, изјави Матоши.

Од Обвинителството, без да откријат повеќе детали за денешната акција, потврдија дека се извршени повеќе претреси, како и дека се задржани четири лица.

До овој момент извршени се претреси на локации и задржани се четири лица. Задржани се поради сомневања за кривични дела. Основното јавно обвинителство продолжува со дејствија“, велат од ОЈО.

Директорката на Онкологија пак, Виолета Клисарова, изјави дека и покрај ова, Клиниката денеска функционира нормално и сите закажани терапии течат тековно.

„Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, изјави Клисарова.

Видете и ова: Претреси кај лица за кои постои сомневање дека се поврзани со случајот Онкологија

Директорката додаде дека сите информации во врска со истрагата ќе ги изнесат истражните органи. За тоа дали имало проверки од страна на полицијата, Клисарова вели дека не може да каже бидејќи не била информирана.

На почетокот од септември минатата година со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.

Видете и ова: Меџити бара резултати од истрагата за случајот на онкологија

Во врска со скандалот, се формираше и собраниска Анкетна комисија, пред која сведочеа поранешни министри за здравство, вработени во клиниката на Онкологија, како и други функционери.

Членовите на Комисијата имаа по 30 дена за распит на сведоци и уште толку за разгледување документација. Случајот ги подели власта и опозицијата. Рокот за донесување заклучоци на собраниската Анкетна комисија беше до 3 декември. Сепак, заклучоците не беа изгласани со консензус, бидејќи пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата излегоа со различни заклучоци.