Гувернерот на ЦБК: Новата регулатива не ја ограничува замената на ниту една валута

Гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, на средба со американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, 29 јануари 2024 година

Гувернерот на Централната банка на Косово (ЦБК) Ахмет Исмаили во понеделникот соопшти дека новата регулатива на ЦБК не го забранува или ограничува прифаќањето на средства на банкарски сметки во евра во лиценцирани банки, ниту ја ограничува размената на која било валута во лиценцираните банки или небанкарски финансиски институции.

„Сите граѓани кои веќе имаат банкарска сметка во евра, во која било лиценцирана банка во Косово, можат да ја користат за да добијат средства од која било земја“, рече тој.

ЦБК соопшти дека Исмаили ова го соопштил на средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.

Новата регулатива на ЦБК бара од 1 февруари сите готовински трансакции во Косово да се вршат во евра, со што се укинува употребата на српскиот динар во земјата.

Американскиот амбасадор во Приштина, Ховениер, побара од гувернерот на Централната банка на Косово да се одложи спроведувањето на одлуката за користење само на еврото во готовинските трансакции.

Видете и ова: Од први февруари, еврото единствена валута во Косово

Исмаили информираше дека работат четири филијали на банки, три микрофинансиски институции (доверители), како и повеќе од 15 небанкарски финансиски институции за плаќање и размена во четири општини на северот на Косово, населени со мнозинско српско население.

„Се зголемува бројот на филијали и канцеларии на финансиските институции кои работат во таа област, бидејќи финансиското вклучување е цел на ЦБК“, се наведува во соопштението на Централната банка на Косово.

Видете и ова: Со забраната за динарот, Косово се обидува да ја прекине врската меѓу Србите на северот и Белград

Во Косово, во сите мнозински српски населби, населението плаќа во српски динари, а оние кои работат во српските институции на Косово, исто така земаат плата во динари. Во динари се исплаќаат и пензиите, според српскиот систем, како и детските додатоци и социјалните надоместоци. Во трговските објекти, во областите каде што живеат Срби на Косово, покрај еврото се користи и динарот.

Српска листа, главната партија на Србите на Косово, која ја ужива поддршката од Белград, оцени дека одлуката на ЦБК го загрозува опстанокот на Србите во Косово.