Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во понеделникот и се заблагодари на Унгарија за „конструктивните“ разговори, пред самитот на Европската унија на кој треба да се разговара за пакетот помош за Киев блокиран од Будимпешта.
Киев се надева дека унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот ќе го укине ветото на пакетот вреден 50 милијарди евра. Односите меѓу двете соседни земји беа затегнати во последниве години и дополнително се влошија кога Орбан стави вето на помошта од ЕУ за Киев во декември.
Во обид да ги поправи врските и да „најде решенија“ за нивните разлики, украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи директна средба со Орбан. Во понеделникот, во градот Ужхород на западот на Украина, шефовите на дипломатијата Петер Сијарто и Дмитро Кулеба се сретнаа со цел да ги постават темелите за таа средба.
Сијарто не ја посетил Украина откако Русија започна офанзива против Киев во февруари 2022 година, иако во неколку наврати бил во Москва.
„Сакам да ја истакнам главната поента на овој разговор: Искреност и конструктивност“, изјави Кулеба по шестчасовната средба со Сијарто.
Видете и ова: Унгарија „отворена“ за ревизија на буџетот на ЕУ за да и помогне на УкраинаСијарто, исто така, рече дека двете земји презеле „охрабрувачки чекори“, но предупреди дека им претстои уште долг пат.
„Имаме многу работа, но ние од унгарска страна сме подготвени да ја завршиме оваа работа“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција.
Разговорите на министрите за надворешни работи во понеделникот доаѓаат само неколку дена пред лидерите на Европската Унија да се состанат на итен самит во четврток за да се постигне напредок во застојот на пакетот помош за Киев.
Сијарто рече дека финансиската помош на ЕУ за Украина „не е билатерално прашање“ и дека разговорите за тоа ќе мора да се одржат во Брисел.
Тој додаде дека средбата на високо ниво меѓу Зеленски и Орбан има смисла „ако може да даде резултати кои можат да додадат нова димензија на билатералните односи“. Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак изјави дека двете земји се заинтересирани за што поскоро одржување на средба меѓу Орбан и Зеленски.
Орбан е единствениот лидер на земја од ЕУ кој одржува блиски врски со Кремљ по руската инвазија на Украина. Во декември тој не гласаше за отворање на пристапните преговори со Украина, но не ја спречи ниту таа одлука, бидејќи ја напушти просторијата пред гласањето.
Тој, исто така, повика на преговори за прекин на огнот со Москва, велејќи дека Украина не може да победи во војната. Во Ужхород, дом на голема заедница на етнички Унгарци, безбедносните мерки беа засилени откако беа пријавени смртни закани до Сијаро. Правата на малцинствата се уште една точка на спор меѓу двете земји.
Видете и ова: Европскиот парламент ги интензивира критиките кон Унгарија пред самитот за помош за УкраинаПовеќе од 100.000 етнички Унгарци живеат во Украина, речиси сите во Закарпатската област, која и припаѓала на Унгарија пред Првата светска војна.
Во понеделникот, Кулеба и Сијарто разговараа за прашањето за правата на малцинствата и се согласија да формираат комисија за понатамошно разгледување на ова прашање.
Сијарто ја поздрави одлуката на украинскиот парламент во декември да усвои закон за враќање на некои јазични права на националните малцинства.
Будимпешта инсистира на тоа дека статусот на унгарскиот јазик мора да биде вратен на истото ниво како што беше пред Украина да го усвои контроверзниот закон за образование во 2017 година.
Законот од 2017 година предвидуваше воведување на украинскиот како главен јазик за целото средно образование. Претходно, јазиците на малцинствата, како што се унгарскиот и рускиот, можеа да се користат како главен наставен јазик во некои средни училишта.