Израел започна напад врз градот Газа во текот на ноќта во неделата, неколку недели по повлекувањето на силите од главниот град на палестинската крајбрежна територија, изјавија тамошните жители.
Во Газа, локалното население тврди дека во воздушните напади врз населбите низ градот Газа загинале многу лица и повеќемина биле повредени. Додека тенковите ги гранатираа источните делови на градот, поморските бродови пукаа со гранати и куршуми кон брегот западно од појасот, велат тие.
Израел на крајот на минатата година објави дека во голема мера ги завршил операциите во северниот дел на Газа. Враќањето во градот Газа, каде што жителите пријавија жестоки борби во близина на главната болница на Ал-Шифа, укажува, според Ројтерс, дека војната не се одвива според планот.
Меѓу убиените се двајца палестински новинари, Есам Ел Лулу и Хусеин Аталах, заедно со неколку членови на нивните семејства, соопштија здравствените власти и синдикатот на новинарите.
Видете и ова: Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да преземе мерки за да спречи геноцидЖителите на Газа велат дека континуираното насилство е исмејување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата со која се повикува Израел да стори повеќе за да им помогне на цивилите.
Здравствените власти во Газа под контрола на Хамас соопштија дека 215 Палестинци се убиени во израелските напади во изминатите 24 часа, со што бројот на загинати од почетокот на конфликтот на 7 октомври се искачи на 26.637.
Израел, кој го обвинува Хамас за смртта на цивилите, нареди нова евакуација на најнаселените области на градот Газа, но луѓето велат дека поради прекин на комуникацијата, пораките не стигнале до многумина.
Воздушни напади беа извршени и врз градот Кан Јунис на југот на Појасот Газа. Израел соопшти дека четворица од десетиците палестински вооружени мажи што ги уби во изминатите 24 часа се подготвувале да нападнат војници во заседа во близина на болницата Ал-Амал.