Вработените во ФЗО ќе штрајкуваат ако се донесе одлука за намалување на платите

Фонд за здравствено осигурување (илустрација)

Доколку Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска на седница донесе одлука за намалување на платите на вработените за 21 процент, тие ќе стапат во штрајк, на шалтерите ќе работи само по едно лице кое ќе прима само документација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и другите услуги, најави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ.

Членови на синдикатот пред зградата на Фондот го чекаат исходот од продолжението на седницата на Управниот одбор што почнала на 4 јануари, за, како што рече Аџигогов, непринципиелниот предлог со кој се бара намалување на платите на вработените.

„Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, зе бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент“, изјави Аџигогов.

Видете и ова: Незадоволството експлодира на улица – власта „купува“ време

За да се донесе одлуката на Управниот одбор потребно е мнозинство од четири члена, кое како што вели Аџигогов, го нема.

Со одлуката се засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, според Аџигогов, 25 проценти ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25 проценти колку минималната плата.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деановски порача дека Владата нема ингеренции да бара ништо од Фонд за здравство бидејќи е самостојна институција.

Потсети дека Синдикатот и раководството преговарале осум месеци и успеале да издејствуваат 15 проценти покачување на платата, но како што наведе, „министерот за финансии Фатмир Бесими побарал, а Владата го поддржала во барањето да се намалат платите за 21 процент“.

Буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари, од кој износ за плати се издвојуваат 1,19 проценти.