Сè повеќе земји го прекинуваат финансирањето на агенцијата на ОН за палестинските бегалци

Раселените Палестинци во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа чекаат на ред за да добијат помош пред центарот за помош на Агенцијата на ОН за палестински бегалци, 28 јануари 2024 година

Неколку клучни земји донатори најавија дека ќе го прекинат финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) по израелските наводи дека дел од персоналот на агенцијата бил вмешан во нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.

УНРВА отпушти неколку лица и вети темелна истрага за тврдењата, додека Израел вети дека ќе ја запре работата на агенцијата во Појасот Газа по војната.

Соединетите Држави во петокот објавија дека го прекинале финансирањето на агенцијата на ОН, по што тоа го објавија и други земји. Последните две земји кои го направија тоа се Австрија и Јапонија.

„Австрија ги суспендира исплатите на УНРВА во очекување на целосна истрага за наводите дека нејзини вработени биле вмешани во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Ги повикуваме УНРВА и Обединетите Нации да спроведат сеопфатна, брза и целосна истрага за наводите“, се вели во австриското Министерство за надворешни работи.

Јапонија доцна во неделата објави дека одлучила да го прекине дополнителното финансирање на агенцијата за помош на ОН.

Министерството за надворешни работи на Јапонија во соопштението наведе дека земјата е „екстремно загрижена за наводната вмешаност на членови на персоналот на УНРВА во терористичкиот напад врз Израел“ и дека „силно ја повикува УНРВА да спроведе истрага на брз и целосен начин“.

Видете и ова: Шефот на УНРВА шокиран од прекинот на финансирањето на агенцијата на ОН за Газа

Шефот на УНРВА, Филип Лазарини вети дека ќе го смета за „одговорен, дури и кривично, секој вработен за кој ќе се утврди дека е вмешан во „терористички дела“.

Тој во неделата рече дека одлуката на неколку земји да го прекинат финансирањето е шокантна.

Шефот на ОН, Антонио Гутереш вети итен независен преглед на работата на УНРВА, но исто така апелираше до земјите донатори да „го гарантираат континуитетот“ на агенцијата заради „очајното население“ на кое му помага.

Суспендирање на финансирањето на агенцијата на ОН најавија и Австралија, Финска, Франција, Холандија, Италија, Канада, Германија, Норвешка, Швајцарија и Велика Британија.