Унгарија „отворена“ за ревизија на буџетот на ЕУ за да и помогне на Украина

Виктор Орбан, премиер на Унгарија

Унгарија е отворена за ревизија на буџетот на Европската Унија за да и помогне на Украина со пакет од 50 милијарди евра, објави политичкиот советник на премиерот Виктор Орбан на платформата Х.

Орбан гласно ја критикуваше поддршката на ЕУ за Киев и ги задржа врските со Кремљ, откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, потсетува Ројтерс.

Тој претходно ја блокираше ревизијата на буџетот на ЕУ што вклучуваше помош за Украина.

Фајненшл тајмс во неделата објави дека ЕУ ќе ја саботира економијата на Унгарија, доколку Будимпешта ја блокира помошта на самитот оваа недела.

Видете и ова: Дали парите ќе го „смират“ Орбан?

Главниот политички советник на премиерот Балаш Орбан потврди дека Будимпешта испратила предлог до Брисел во саботата, укажувајќи дека е отворена за користење на буџетот на ЕУ за пакет помош и за издавање заеднички долг на ЕУ за финансирање доколку се додадат „предупредувања “.

„Брисел ја уценува Унгарија како да нема утре и покрај тоа што предложивме компромис“, рече советникот на унгарскиот премиер.

Виктор Орбан, кој одржува блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин, предизвика бура кај речиси сите негови европски колеги поради блокирањето на 50 милијарди евра помош од ЕУ за Украина.

Самитот има за цел да го убеди Орбан да се откаже од противењето. Ако тоа не успее, другите земји од ЕУ рекоа дека се подготвени да му ја дадат на Киев многу потребната готовина билатерално, додека се брани од офанзивата на Путин.