Досегашниот премиер Димитар Ковачевски денеска (29 јануари) му ја предаде функцијата на Талат Џафери, претседател на техничката влада.
„Повикувам владата и сите во неа без разлика на партиската припадност да работат во интерес на граѓаните, на економијата, на безбедноста и на стабилноста. Сите започнати политики треба целосно и континуирано да се реализираат. Очекувам посветеност во работата концентрација на сите во владата и во оваа насока сметам дека работата ќе биде на највисоко ниво“, порача Ковачевски.
Тој додаде дека изминатите две години додека бил на функцијата не биле лесни и се пофали дека со владините мерки бил воспоставен систем кој функционира за време на криза.
„Тие беа години на исклучително голема европска па и светска економска и енергетска криза, но и покрај тоа направивме многу и никого не оставивме сами“, рече Ковачевски.
Премиерот Џафери повтори дека преодната влада ќе биде транспарентна и ќе работи во служба на граѓаните.
„Ние можеме да бидеме од различни провиниенции во владиниот состав, но има нешто што не се менува, ние сме сите таму благодарение на вас, за да ги штитиме вашите интереси, да создаваме подобри услови за вашата благосостојба, напредокот и чувањето на достоинството на Република Северна Македонија во регионот и светот останува примарно право“, рече Џафери.
Видете и ова: Македонското Собрание ја изгласа техничката влада
Инаку оваа преодна влада вчера беше избрана со 65 гласа „за“ и три „против“. ВМРО-ДПМНЕ беа во салата, но се воздржаа од гласање додека на седницата воопшто не присуствуваа пратениците од Европскиот сојуз за промени.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.
Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година, чија цел е да се погрижи за одржување на фер и демократски избори. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, а во 2020 година беше Оливер Спасовски.
На 8 мај, покрај за парламентарни, ќе се гласа и за втор круг од претседателските избори. Првиот круг од трката за шеф на државата, пак, ќе се одржи на 24 април.