До формирањето на нова влада до крајот на јуни, земјата ќе ја води техничка влада на чело со премиерот Талат Џафери, чиј мандат започнува денеска (29 јануари).
Оваа преодна Влада вчера беше избрана со 65 гласа „за“ и три „против“. ВМРО-ДПМНЕ беа во салата, но се воздржаа од гласање додека на седницата воопшто не присуствуваа пратениците од Европскиот сојуз за промени.
Во Владата за денеска е предвидено примопредавање на функцијата меѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски и Талат Џафери, претседател на преодната Влада. По пристигањето на платото на Владата, планирано е премиерите Ковачевски и Џафери да одржат кратка средба. Се очекува примопредавања на функциите да има во сите министерства.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.
Видете и ова: Избрана техничката влада на чело со ЏафериОва е трета преодна или техничка влада од 2016 година, чија цел е да се погрижи за одржување на фер и демократски избори. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, а во 2020 година беше Оливер Спасовски.
На 8 мај, покрај за парламентарни, ќе се гласа и за втор круг од претседателските избори. Првиот круг од трката за шеф на државата, пак, ќе се одржи на 24 април.
Ова ќе бидат 11- ти парламентарни, а осми по ред претседателски избори на кои граѓаните ќе гласаат непосредно од осамостојувањето на државата во 1991 година.