Стотици илјади луѓе во Германија излегоа трет викенд по ред да протестираат против политиката на екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД), јави агенцијата „Асошиејтед прес“(АП).
Протестот во Хамбург денеска (28.1) беше под мотото „За различностите и нашата демократија – Хамбург е обединет против АфД“.
Организаторите рекоа дека до 100.000 луѓе маршираа низ овој северен германски град.
Во Дизелдорф на западот на земјата, 100.000 демонстранти се собраа во саботата под слоганот „Против АфД - Нема да молчиме. Не го тргаме погледот. Одиме во акција!“.
Видете и ова: Талис: АфД го користи незадоволството на Германија, но мнозинството е против „Дегзит“Во текот на викендот беа одржани десетици помали протести, вклучително и во градовите Ахен, Оснабрик, Кил, Зигмаринген и Витенберг, објави германската новинска агенција ДПА, а пренесе АП.
Про-демократските демонстрации започнаа пред две недели, откако групата истражувачки новинари „Коректив“ објави текст во кој се тврди дека десничарските екстремисти неодамна се состанале за да разговараат за депортирање на милиони имигранти, вклучително и некои со германско државјанство.
Протестите против АфД во Хамбург претходно овој месец мораа да се откажат бидејќи се појавија многу повеќе учесници од очекуваното.
Германскиот канцелар Олаф Шолц аплаудираше на големиот број демонстранти. Тој нагласи дека владата не може сама да ја зачува демократијата во Германија, туку има потреба од поддршка од нејзините граѓани.
„Нашата демократија не е дадена од Бог. Таа е создадена од човекот“, рече Шолц во својот неделен видео подкаст.
АфД е основана како евроскептична партија во 2013 година и првпат влезе во германскиот Бундестаг, националниот парламент, во 2017 година.
Една неодамнешна анкета ја стави партијата на второто место на национално ниво со околу 23 отсто поддршка, далеку над 10,3 отсто од гласовите што ги освои на последните федерални избори во 2021 година.
Анкетите покажуваат дека АфД е водечка партија во источна Германија, вклучувајќи ги и покраините Бранденбург, Саксонија и Тирингија, каде што треба да се одржат избори оваа есен.