Собранието ги избра и замениците министри и дополнителните заменици министри, со што е комплетиран составот на техничката влада на чело со Талат Џафери која ќе функционира до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници закажани за 8 мај и до изборот на новата политичка влада.
Според законот за Влада, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе има министри во две министерства и дополнителни заменици во три министерства.
Извршниот комитет на партијата на 24 јануари одлучи за технички министер за внатрешни работи да го номинира адвокатот Панче Тошковски, а за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, кој долги години работел во ова министерство, а кусо беше и секретар на Град Скопје.
Видете и ова: Македонското Собрание ја изгласа техничката владаТројцата дополнителни заменици од ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат Стефан Андоновски во Министерството за администрација, Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство и Елена Петрова во Министерството за финансии.
Онаму каде опозицијата ќе има технички министри, СДСМ ќе има дополнителни заменици. За во МВР социјалдемократите го предложија Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на актуелниот министер Оливер Спасовски, а досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка во истиот ресор.
Собранието претходно на денешната 141. седница со 65 гласа „за“ и тројца „против“ ја изгласа техничката влада, со мандат од 100 дена и со задача да ги спроведе претседателските избори на 24 април и парламентарните избори на 8 мај на фер и демократски начин, преку учество на министри и дополнителни заменици - министри од опозицијата во клучни ресори.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ излегоа од салата во Собранието, не гласаа и не го прифаќаат Џафери за премиер.
Џафери и министрите во техничката влада ќе останат на функција до формирањето на новата влада. Мандатот на дополнителните заменици-министри, пак, ќе заврши порано односно со објавувањето на конечните резултати од изборите.
За утре(29.1) во 10 часот е најавено примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски и новиот премиер Талат Џафери.
Изборите пролетва во Северна Македонија ќе бидат 11- ти парламентарни, а осми по ред претседателски избори на кои граѓаните ќе гласаат непосредно од осамостојувањето на државата во 1991 година.