„Група Квинт“: Koсово да ја суспендира одлуката за динарот

Косово-Средба меѓу косовскиот премиер Аљбин Курти и амбасадорите на земјите од „Група Квинт“, 26 јануари 2024

Амбасадорите на земјите од „Група Квинт“ побараа од Косово да ја прекине примената на регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), која предвидува единствена валута за плаќање во Косово да биде еврото.

Во таканаречената „квинта“ се САД, Франција, Германија, Италија и Велика Британија.

Амбасадорите на „Група Квинт“ во заедничка изјава соопштија дека суспензијата на одлуката треба да биде донесена со цел „да се овозможи доволен период на транзиција и јасна и ефикасна јавна комуникација“.

„За ова прашање дополнително треба да се разговара во рамките на дијалогот што го води Европската унија“, се наведува во соопштението.

Видете и ова: Курти очекува од земјите од „Групата Квинт“ и од ЕУ да ја почитуваат одлуката за еврото во Косово

Според амбасадорите на „квинтата“, регулативата на ЦБК за готовинските операции, која се очекува да стапи во сила на 1 февруари, има за цел да ги намали фалсификуваните пари и да ја одржи финансиската стабилност, но исто така предизвикува загриженост за влијанието особено врз српската заедница.

На 26 јануари, претставниците на овие земји се сретнаа со премиерот на Косово, Албин Курти, за да разговараат за ова прашање. Според соопштението, Курти на оваа средба побарал од амбасадорите на „Група Квинт“ да ја почитуваат одлуката на ЦБК.

„Премиерот Курти на средбата ја истакна важноста од почитување на уставноста и законитоста на земјата од сите и во исто време почитување на независните власти, во случајов Централната банка“, соопштија од Кабинетот на Курти.

Пред неколку дена Вашингтон побара и Косово да ја преиспита одлуката со која Србите што живеат на Косово ќе ги спречат да го користат српскиот динар за да вршат трансакции со динари. Радио Слободна Европа (РСЕ) го контактираше гувернерот на ЦБК Ахмет Исмаили во врска со барањето на САД, но не доби одговор.

Во меѓувреме, ЕУ најави дека бара појаснување од Косово за оваа одлука.

Видете и ова: Амбасадорите од „квинтата“ бараат од косовските лидери да се воздржат од навреди и закани

Во Косово, во сите мнозински српски населби, населението плаќа во српски динари. Лицата кои работат во српските институции на Косово исто така земаат плата во динари.

Во динари се исплаќаат и пензиите, според српскиот систем, како и детските додатоци и социјалните надоместоци. Во трговските објекти, во областите каде што живеат Срби на Косово, покрај еврото се користи и динарот.

Српска листа, главната партија на Србите во Косово, која има поддршка од официјален Белград, се огласи против ваквата одлука на ЦБК, со која би се спречила употребата на динари. Според оваа тема, одлуката на ЦБК го загрозува опстанокот на Србите на Косово.

На 17 јануари Централната банка на Косово објави дека од 1 февруари единствена валута за готовина и платежни трансакции ќе биде еврото. Како што велат, ваквата одлука донеле врз основа на Уставот на Косово.