Заедничката фотографија на техничката влада без министрите од ВМРО-ДПМНЕ

Новата техничка Влада на Република Северна Македонија, 28.1.2024 година

Министрите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги нема на заедничката фотографија со останатите министри од техничката влада која денеска(28.1) беше изгласана во Собранието, без гласовите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои пред гласањето излегоа од салата.

Тоа се министрите Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, кои во следните 100 дена ќе раководат со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

Талат Џафери, во првата изјава во својство на премиер, им порача на граѓаните да бидат спокојни.

„Работата на владата ќе биде суштинска заедно со нив, затоа што и тие исто како и ние што сме на сликата имаат законска обврска да одговорат на обврската што ја презеле од вас преку оние што гласаа за составот на владата, но таа обврска е преземена и од тие што не гласаа воопшто, што не беа во салата. Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања“, рече Џафери.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада ги предлага Тошковски во МВР и Велковски во труд и социјала

Откако техничката влада беше изгласана, Џафери изјави дека „со восхит, со чиста совест и со полна одговорност“ ја презема договорената задача.

„Останувам доследен дека работата на владата ќе биде транспарентна, отчетна, одговорна, пред се пред граѓаните и пред нивните претставници, во интерес на граѓаните и за напредокот на државата“, изјави тој.

Со 65 гласови „за“ и три “против“, Собранието на Северна Македонија избра преодна (техничка) влада со мандат од 100 дена и со задача да ги спроведе претседателските избори на 24 април и парламентарните избори на 8 мај, на фер и демократски начин, преку учество на министри и дополнителни заменици - министри од опозицијата во клучни ресори.

Џафери и министрите во неговата влада, ќе останат на функција до формирањето на новата, по изборите на 8 мај. Мандатот на дополнителните заменици-министри ќе заврши порано односно со објавувањето на конечните резултати од изборите.

На 8 мај, покрај за парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг од трката за шеф на државата, пак, ќе се одржи на 24 април.

Ова ќе бидат 11- ти парламентарни, а осми по ред претседателски избори на кои граѓаните ќе гласаат непосредно од осамостојувањето на државата во 1991 година.