Собранието на Северна Македонија со 65 гласа „за“ и три против ја изгласа техничката влада на чело со Талат Џафери. Техничката влада треба да ја предводи државата 100 дена пред избори.
Основна задача на владата е да организира фер и демократски парламентарни избори. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, иако предложи свои кандидати во владата, не гласаше за нејзиниот избор, оти се противат владата да ја предводи Талат Џафери.
Собраниската седница почна по повеќе од час доцнење, а новата влада е избрана по два часа дискусија.
Новата влада треба да ги организира парламентарните и претседателските избори кои треба да се одржат во април и мај.
Премиерот Џафери и министрите дадоа свечени изјави по изгласувањето на Владата.
Во составот на преодната влада прв заменик - премиер на Владата и вицепремиер за европски прашања е Бојан Маричиќ, кој доаѓа на местот на Артан Груби, кој останува да биде само министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.
На досегашните места остануваат Кренар Лога - министер за правда, Бујар Османи - министер за надворешни работи, Фатмир Бесими - министер за финансии, Крешник Бектеши - министер за економија, Љупчо Николовски - министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити - министер за здравство, Јетон Шаќири - министер за озбразование, Ристо Пенов - министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска - министерка за култура, Азир Алиу - министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски - министер за транспорт и врски, Каја Шукова - министерка за животна средина, Фатмир Битиќи - министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска - министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.
Се очекува по изгласувањето на техничката влада, во Собранието да се одржи уште една пленарна седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери, кому му е доверен мандатот да формира техничка Влада.
Видете и ова: Јован Митрески е нов претседател на македонското собраниеСДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.
ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.