Шокантна е одлуката на девет земји да го прекинат финансирањето на агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), вели шефот на агенцијата, Филип Лазарини. Одуката е донесена поради израелските наводи дека работници на агенцијата биле вмешани во нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври.
„Овие одлуки ја загрозуваат нашата хуманитарна работа во целиот регион, особено во Појасот Газа“, рече Филип Лазарини.
Израел на 27 јануари објави дека повеќе не ја сака агенцијата во Појасот Газа, која е во центарот на скандалот околу можната улога на некои негови вработени во нападот на 7 октомври врз јужен Израел.
По наводите на Израел, Обединетото Кралство, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија и Финска им се придружија на САД, Австралија и Канада во суспендирање на финансирањето на Агенцијата, која е клучен извор на поддршка за жителите на Газа.
Меѓу најголемите донатори на УНРВА во 2022 година беа САД, Германија и ЕУ. Брисел се уште не зборува за ова прашање.
На 26 јануари УНРВА објави дека отворила истрага против неколку вработени осомничени за вмешаност во нападите на Хамас и дека ги прекинала врските со тие вработени.
„Со цел да ја заштитам способноста на агенцијата да доставува хуманитарна помош, донесов одлука веднаш да ги раскинам договорите на овие вработени и да започнам истрага за да се утврди вистината без одлагање“, рече Лазарини претходно во саботата.
Лазарини не го откри бројот на вработени наводно вклучени во нападите, ниту природата на нивната наводна вмешаност.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на 28 јануари изјави дека е „згрозен од оваа вест“.