Иран прв пат лансираше три сателити истовремено

Фотографијата објавена од Министерството за одбрана на Иран на 28 јануари 2024 година го покажува иранскиот сателитски носач Симорг (Феникс) на платформа за лансирање на непозната локација.

Иран на 28 јануари објави дека првпат истовремено успешно лансирал три сателити во вселената.

Државната новинска агенција ИРНА соопшти дека лансирањето, исто така, покажало успешна употреба на иранската ракета Симорг, која имала повеќекратни неуспеси во минатото.

Државната телевизија ги именуваше лансираните сателити Махда, Кајхан-2 и Хатеф-1.

Махда е опишан како истражувачки сателит, додека Кајхан и Хатеф се наносателити фокусирани на глобално позиционирање и комуникација.

Сателитот Махда од 32 килограми и другите два тешки по 10 килограми се поставени во орбитата 450 километри над површината на Земјата.


Сателитите се наменети за истражувачки и телекомуникациски мисии, како и за „тестирање на сателитски потсистеми“, се наведува во извештајот.

Тоа е нов чекор на полето на воздухопловните и вселенските активности на Иран и покрај западните санкции.

На 20 јануари, Иран објави дека успешно лансирал сателит во својата највисока орбита до сега.

Оваа програма предизвикува сомнеж кај Западот дека Техеран на овој начин ги подобрува балистичките ракети, пренесува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Соединетите Американски Држави (САД) претходно рекоа дека иранското лансирања на сателити е спротивно на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и го повикаа Техеран да не презема никакви активности кои вклучуваат балистички ракети способни да носат нуклеарно оружје.

Санкциите на ОН поврзани со иранската програма за балистички проектили истекоа во октомври минатата година.

Интерконтиненталните балистички ракети може да се користат за испорака на нуклеарно оружје.

Видете и ова: Иран објави дека успешно лансирал сателит како дел од програмата што ја критикува Западот

Техеран има доволно збогатен ураниум за „неколку видови“ нуклеарно оружје доколку одлучи да го произведе, неколкупати предупредуваше шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Иран негираше дека развива нуклеарно оружје и вели дека неговата вселенска програма, како и неговите нуклеарни активности, се развиваат исклучиво за цивилни цели.

Меѓутоа, американските разузнавачки агенции и Меѓународната агенција за атомска енергија наведуваат дека Иран имал организирана воена нуклеарна програма до 2003 година.

Иран лансираше капсула способна да носи животни во орбитата во декември додека се подготвува за човечки мисии во наредните години.