Финците избираат нов претседател за ерата во НАТО

Дебата на кандидати за претседател на Финска, 24 јанаури 2024.

Финска денеска (28 јануари) избира нов претседател кој ќе ја води земјата во нејзината нова улога во НАТО.

Таа го прекина децениското воено неврзување за да се приклучи на западната одбранбена алијанса како одговор на руската инвазија на Украина. Приемот на нордиската земја во НАТО минатата година предизвика закани за „контрамерки“ од Русија.

Во декември, Финска ја затвори целата своја граница со Русија за патнички сообраќај како одговор на напливот на мигранти кои се обидуваат да ја преминат. Москва ги негираше финските обвиненија дека ги испраќа таму.

Сите девет кандидати ветуваат цврст став кон Русија доколку бидат избрани за претседател.

Претседателот ја предводи надворешната и безбедносната политика во тесна соработка со владата и ја претставува земјата на состаноците на НАТО, а истовремено дејствува и како врховен командант на финските одбранбени сили.

Александер Стуб од Националната коалиција на десниот центар се појави како фаворит во неодамнешните анкети кои му даваат поддршка од 22 до 27 отсто во првиот круг, веднаш пред членот на либералната партија на Зелените Пека Хаависто, за кого гласале 20-23 отсто.

Видете и ова: Турција официјално го ратификуваше членството на Шведска во НАТО

Доколку на денешното гласање никој не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, ќе се одржи втор круг на кој ќе се гласа за двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови.

Новиот претседател ќе го замени 75-годишниот актуелен претседател Саули Ниинисто, кој треба да се повлече од функцијата по два мандати од шест години.

Тој го доби прекарот „Шепнувачот на Путин“ за време на неговиот мандат поради неговата улога во одржувањето блиски врски со Русија, што долго време беше клучна улога за финските претседатели.