Претседателот на Собранието Јован Митрески за утре (28.1) во 11 часот ја закажа пленарната седница за избор на техничката влада, откако мандатарот Талат Џафери денеска (27.1) го доставил предлогот за состав и програмата на техничката влада, информираат од Кабинетот на Митрески.
Во програмата објавена на веб-страницата на Собранието, меѓу другото, пишува дека врвен приоритет на Владата е подготовка и организирање на слободни, фер и демократски редовни претседателски и парламентарни избори на 24 април и 8 мај.
Видете и ова: Мандатарот Џафери треба да ги достави до Собранието составот и програмата на техничката влада
За премиер на преодната влада се предлага Талат Џафери од ДУИ, кој до неодамна беше претседател на Собранието.
Прв заменик - премиер, според договорот меѓу владејачките СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања. Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.
На опозицијата ѝ припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овие места ги предложи Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а Цветан Трипуновски за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри од редовите на СДСМ. Митко Бојмацалиев, шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи. Во министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.
За дополнителни заменици министри од СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.
За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Видете и ова: Ковачевски брои денови како премиер – кои се процедурите за преодна влада?Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го повтори ставот дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за техничката влада, иако партијата достави свои предлози за технички министри.
Мицкоски нема никакви очекувања ниту од техничкиот премиер Талат Џафери, за кого рече дека „тоа е човекот кој од почеток до крај, како претседавач во македонскиот парламент, направи многу противуставни и противзаконски потези“.
Процедурите што почнаа вчера со оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на веќе претходниот претседател на Собранието, Талат Џафери се вовед во изборниот процес што ја очекува Северна Македонија напролет.
На 8 мај покрај на парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април.