Уште се разговара и се прават анализи за можна коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24, одговарајќи на прашањето дали е договорена коалиција меѓу владејачките партии СДСМ и ДУИ или окрупнување на европскиот фронт за претстојните избори.
„Ова е период во кој се прават сите тие анализи и сигурно дека ќе се донесе одлука. За мене е многу важно да имаме во тој дел навистина добра понуда за граѓаните која ќе понуди извесност, просперитет и ќе понуди остварување на нашите стратешки и национални интереси“, рече Спасовски.
За тоа дали е реално руски инсталации да се директно инволвирани во обидите да го попречат македонскиот пат кон Европската унија, Спасовски рече дека „е факт постоењето на руско влијание и влијание кое не ѝпосакува добро на Република Северна Македонија“.
„Секогаш кога сме доведени во ситуација да остваруваме некој стратешки национален интерес има обиди да биде попречена Северна Македонија на тој пат. Се сеќавате на многу постапки на ширење на лажни вести, протерување на дипломати од Северна Македонија и така натаму, сето тоа е благодарение на активностите и работата на разузнавачката заедница на Република Северна Македонија. Така што во тој правец ќе се продолжи и понатаму и мора да се продолжи со цел да не дозволиме некој друг да одлучува или да попречува остварување на нашите стратешки национални интереси кои ги имаме“, рече Спасовски.
СДСМ формираше влада по изборите одржани во 2016 година, а потоа и по предвремените парламентарни избори летото 2020 година. И по двата циклуси избори беше во коалиција со ДУИ. Али Ахмети, претседател на ДУИ и Зоран Заев, тогашен претседател на СДСМ, во 2020 година го објавија коалицискиот договор меѓу двете партии и принципите на кои договорот се темелеше.
СДСМ беше во коалиција со ДУИ и во периодот 2002-2006 година.
Осми мај е датумот кога во Северна Македонија ќе се гласа на парламентарни и втор круг претседателски избори. Претходно, на 24 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори.