Шарл Мишел, претседател на Советот на Европската унија (ЕУ), се откажа од трката за место во Европскиот парламент поради критиките дека ваквиот потег ќе ја поткопа неговата сегашна улога во клучен момент.
Потегот на Мишел, поранешен белгиски премиер, сигурно ќе покрене прашања за неговата проценка - помалку од седум дена пред тој да претседава со самитот за постигнување договор за витална воена финансиска помош за Украина.
Пресвртот дојде само неколку недели откако Мишел објави дека ќе се кандидира на изборите за Европскиот парламент во јуни. Тоа би значело дека тој ќе мора да ја напушти функцијата во ЕУ неколку месеци пред официјалниот крај во ноември.
Видете и ова: Пречките на Орбан да стане шеф на Европскиот СоветТоа ја зголеми можноста со Европскиот совет да претседава унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој одржува врски со Москва, го блокираше планот да ѝ се помогне на Украина и пратениците на ЕУ го обвинуваат за демократско назадување.
Со оглед на тоа што Унгарија ќе го преземе ротирачкото претседателство со Унијата во втората половина на 2024 година, Орбан ќе биде привремен шеф на Европскиот совет додека не се именува наследник, во случај Мишел да се повлече за да се кандидира за Европскиот парламент.
Орбан, кој одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, предизвика бура кај речиси сите негови европски колеги поради блокирањето на 50 милијарди евра (54 милијарди долари) помош од ЕУ за Украина.
Самитот следниот четврток, со кој претседава Мишел, има за цел да го убеди Орбан да се откаже од противењето. Ако тоа не успее, другите земји од ЕУ рекоа дека се подготвени билатерлно да му ги дадат на Киев парите што му се многу потребни додека се брани од офанзивата на Путин.
Причини за повлекување
Четириесет и осумгодишниот Мишел во долгата изјава на Фејсбук во која објави дека се повлекува од трката за Европскиот парламент изјави дека ќе остане на функцијата претседател на Европскиот совет до крајот на мандатот.
„Нема да бидам кандидат на европските избори. Сите мои напори ќе ги посветам на моите сегашни обврски со цврста решеност додека не завршат“, објави Мишел, кој е на сегашната функција од 2019 година.
Тој ја бранеше својата првична одлука да се кандидира на избори, велејќи дека тоа е во согласност со неговите сегашни обврски. Но, потоа рече дека критиките го поттикнале да размисли.
„Не сакам оваа одлука да не оттргне од нашата мисија или да ја поткопа оваа институција и нашиот европски проект, ниту да биде злоупотребена на кој било начин за да го подели Европскиот совет, кој верувам дека мора неуморно да работи за европското единство“, рече тој.
Потегот на Мишел беше изненадување бидејќи јавните критики - кои главно доаѓаа од некои пратеници, академици и коментатори на ЕУ - згаснаа неколку недели по неговата првична објава.
„Секогаш ќе бидам жесток поддржувач на Европа која е демократска, силна, обединета и господар на сопствената судбина“, рече Мишел и изјави дека на крајот од неговиот мандат во Советот на Унијата „ќе размислува за природата и насоката на идните обврски“.