Мандатарот на идната техничка влада на Северна Македонија, Талат Џафери се очекува денеска до Собранието да го достави составот и програмата на техничката влада, која ќе функционира до изборот на нова влада на парламентарните избори закажани за 8 мај.
Техничката влада се избира 100 дена пред изборите.
Собранието вчера (27.1) ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието.
Вчера и шефот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната Влада.
„Со задоволство и со целосна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата“, изјави Џафери откако го доби мандатот.
Прв заменик - премиер, според договорот меѓу владејачките СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања. Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.
Видете и ова: Јован Митрески е нов претседател на македонското собраниеНа опозицијата ѝ припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овие места ги предложи Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а Цветан Трипуновски за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри од редовите на СДСМ. Митко Бојмацалиев, шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи. Во министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.
За дополнителни заменици министри од СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа.
За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Видете и ова: Техничка влада во последен момент - зошто непотребни тензии?Гласањето за техничката влада се очекува да биде утре, недела (28 јануари) на пленарна седница. Утре треба да се одржи и втора седница за избор на замениците и дополнителните заменици министри.
Процедурите кои започнаа вчера со оставките на премиерот Ковачевски и на веќе претходниот претседател на Собранието, Талат Џафери се вовед во изборниот процес што ја очекува Северна Македонија напролет.
На 8 мај покрај на парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април.